Безживотното тело на жена било пронајдено во карпест дел за време на акцијата на крајбрежната служба на Грција северозападно од грчкиот остров Самос, откако потона чамец со мигранти, со што бројот на загинати се зголеми на четири лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Од крајбрежната служба на Грција утрово информираа дека биле спасени пет странски државјани и биле извлечени безживотните тела на три лица, а подоцна беше пронајдено и телото на жената.
Официјално останува непознат бројот на исчезнати со оглед на тоа дека нејасно е колку мигранти се превезувале во чамецот, според спасените имало околу 30-33 лица.
Исчезнати, неофицијално се водат над 20 лица што, меѓутоа непознато е дали се загубиле во морето или успеале безбедно да стигнат на копно.
Акција на крајбрежната служба на Грција за пронаоѓање и спасување продолжува, а учествуваат бродови на крајбрежната служба и чамец на волонтерска спасувачка група, како и хеликоптер на воената морнарица, додека пак на копно патролира едно возило.
Силниот ветер со јачина од пет до шест Бофори, дополнително ја отежнува целата акција.