Кинеското присуство во Северна Македонија започнува во 2011 година, со учество во кинеската иницијатива „Појас и пат“, но, сиве овие години медиумите не се многу заинтересирани за критички поглед на тоа присуство, пишува Гласот на Америка.
„Имате иницијатива за глобален развој, има иницијатива за глобална безбедност итн. и ние сме дел од тоа. Дали тоа сакаме да го препознаеме или не, дали сакаме тоа да го гледаме како беневолентно или малигно влијание – тоа се повеќе политички позиции. Ние впрочем во регионот на Западен Балкан сме држава која е на второто место по висина на надворешниот долг. Замислете, ние не сме најголема земја, а најмалата земја во регионот, Црна Гора, пак има највисок процент на надворешниот долг од 40 отсто, следиме ние со 20 отсто“, вели новинарот Џабир Дерала за Гласот на Америка.
Дерала смета дека странските влијанија, особено од Русија и Кина, во Северна Македонија се канализирани преку Србија.
„Се работи за тоа дека Србија со „Хуавеј“ и со Кина има одамна потпишан договор за инсталирање на 8.000 камери само во Белград кои се со можност за препознавање (на лица). Исто така, преку „М-тел“, српскиот телекомуникациски провајдер, (Кина) влезе во Македонија пред неколку години, тоа е исто така канал за продор на кинеските интереси, меѓутоа само еден мал (дел). Ние како држава веќе имаме поголем број проекти кои се однесуваат на „Патот на свилата“ или иницијативата „Појас и пат“ и тука имаме сериозен проблем. Зошто? Заради (влијанието на) демократијата и демократскиот развој“, додаде тој.
Новинарите и експертите се согласни за ризикот дека економската зависност на Северна Македонија кон Кина може да биде искористена за политичките цели на Кина, што не се линија на националните стратешки интереси.
Извор: Глас на Америка