Хуманитарниот концерт насловен „Во спомен на љубовта за Данче“ ќе се одржи на 6 октомври (недела) во НОБ, а во чест на 10-годишнината од смртта на еден од највлијателните домашни музички менаџери и продуценти Даниел Милошески – Данче, човекот кој остави неизбришлив белег во македонската и балканската музичка индустрија.
Во негова чест и со единствена цел да се одбележи наследството што го остави, ќе настапат: Ареа, Агни Авшар, Ана и Стефан Петановски, Бени и Нон стоп, ДНК, Златно славејче, Кристина Арнаудова, Николче Мицевски, Поп арт бенд, Пајак и Лара, Слаткаристика. Комплетниот приход од концертот ќе бие пренасочен во хуманитарни цели, односно ќе биде дониран за здружението Асоцијација за цистична фиброза. Влезници има во ограничен број, и тоа преку продажната мрежа на Мктикетс (https://mktickets.mk/event/vsljd/), а чинат 1.000 денари.
Работата и посветеноста на Данче ги поставија темелите на современата македонска музичка сцена, а неговата енергија, посветеност и неуморна работа остануваат како инспирација за идните генерации, но и сите оние кои се дел од музичката индустрија. Затоа нека овој концерт во негова чест и спомен биде убав повод да се потсетиме на она што го правеше, но и повод да бидеме обединети и гласни кога нешто има предзнак хуманитарно – затоа што на крајот се паметат само убавите дела.