– Ќе искористам една реченица која ја прочитав неодамна – Македонија е остров на рационалност, ама и океан на лудило и забеганост“. Вака поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев во изјава за „Фокус“ одговара на обвинувањата на Зијадин Села од Европскиот фронт, кој во интервју за „Фокус“ рече дека Заев му дозволил на Никола Груевски да ја напушти државата поради високиот рејгинг, а на последните избори дејствувал во корист на Христијан Мицкоски да постигне апсолутна победа.
„Колку треба човек да е желен за власт за да може да каже вакви забегани и налудничави работи. Зарем има нормален човек кој може да поверува дека Зоран Заев може да биде против СДСМ? Повеќе од 9 години сум бил претседател на СДСМ и повеќе од 7 години потпретседател на СДСМ. Со мене на чело два пати ја донесовме СДСМ на власт. Нема потреба да потсетувам што се сум поминал јас и моето семејство, како и многу други истомисленици од „раката“ на ВМРО-ДПМНЕ последните 25 години.
Доволно е 27-ми април 2017-та само да го споменам. Човек што може да истреска такви забегани и налудничави работи во само едно интервју не е достоен ниту да биде тужен од мене. Тој човек другите го знаат веќе каков е, ама добро и сам себе да се погледне и да заклучи дали треба или не треба да се занимава се уште со политика. Ако замина и повторно се врати во политика за да зборува вакви небулози, подобро за него ќе беше да не се враќа никогаш повеќе во политика.
Кога го читав тоа што го изјавил за мене, си помислив дај Боже да не е човекот ваков од пресилните удари од вмровците инструирани и организирани од Груевски на 27-ми април 2017-та година. И после 3 години како сум заминат од политика, моето име и името на моето семејство вмровците го напаѓаат повеќе отколку на двајцата претседатели на СДСМ што се после мене“, реагира Заев.
Претходно, Села во интервју за неделникот „Фокус“ истакна дека „држи тезата оти ВМРО е помогната за да постигне апсолутна власт“, а, како што посочи, за жал поддржувачите и членството на СДСМ во овој случај се жртва.
-Кога зборувам за овие феномени претпочитам да зборувам за политички збиднувања и јавни изјави во минатото. Дали имаше изјава меѓу Мицкоски и Заев за време на кампањата и дадена рака меѓу нив дека ќе направат коалиција по изборите меѓу ВМРО и СДСМ со исклучување на албанскиот политички фактор? Тоа се случи во студио за време на кампања, 2020 година. Тоа е најава…, рече Села во интервјуто за Фокус.