Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Неделава започна со неколку активности – Владата се трудеше да направи достојно одбележување на првите 100 дена, опозицијата тоа го оспоруваше на речиси сите полиња што се мерливи и значајни и не даде ниту преодни, а камо ли триумфалистички оценки. Во исто време пристигнуваат релевантни реакции од многу социјални слоеви – земјоделските, оние на просветарите, од кругот на медицинарите… Црвени картони доаѓаат и од ССМ и од работодавачите.
НЕКОИ СО ШАМПАЊСКО, НЕКОИ СО СЕКИРАЦИИ
На денот на шампањизирањето на владеењето на Мицковски и нему наклонетата олигархија, да речеме како совпаѓање, беа посебно видливи оризо-производителите кои изразија масовно незадоволство, додека ја жнееја својата култура. Некогаш тоа беше ритуал на среќата, придружен со многу изблици на задоволство.
Денес тоа не е случај.
И парадокс: овие земјоделци инаку се значајна средина која беше огнен противник на претходните влади, посебно оние формирани после летото 2017 година, и тоа во било кое временско доба и по било каков повод. Иако во последните седум години токму земјоделието доживеа планско средување во сите области, благодарејќи на агилниот министер во претходната влада Љупчо Николовски, токму оние кои живеат од аграрот речиси комплетно го предадоа сиот труд што беше вреден да се поздрави изостана во други раце.
За Николовски и неговите соработници пропаднаа изборите, почнувајќи од овчеполско, преку струмичкиот регион сè до Пелагонија. Може да се рече дури и во неговиот роден град – Крива Паланка, каде во изминатите години редовно беше дочекуван како успешен функционер, се наоѓаа изговори да бидат неговиот Брут. Тамошните гласачи или оние од вториот, третиот и четвртиот изборен регион се покажаа како луѓе кои експресно забораваат на сè, посебно на она време кога наводните сопственици на стада кози, овци или полиња со разни култури седеа по кафулињата на Дебар маало и околината (близу до соодветното министерство) и мирно ја рентаа продадената лажна стопанска активност за реални дотации! Но, како и многу често во историјата на овој народ, тој во себе го има фатумот на лесното бришење на непријатните искуства, заради што пак неговите преродбеници ќе го обвинуваат дека „од глаата си патиме“ (Чернодрински, нели) па потоа со неа си удира во ѕид.
МИНИСТЕРСКО СООЧУВАЊЕ СО АГРАРОТ НА ТЕРЕН
На оваа, последната жетва се собраа незадоволници не само од Облешево и Чешиново, значајни „центри на отпорот“ кон СДСМ, со познати фаци, пред сè заради очевидно ретките посети на стоматолозите. Овој пат тука ги имаше од поширокото жетвено подрачје – Спанчево, Соколарци, Облешево, Бање… Практично целиот регион се соочи со министерот кој употребуваше само идно време во својот говор – повеќе пред камерите, наменет за јавноста – како да се наоѓа на истото место пред изборите, а не тогаш кога ќе мора да одговора најмалку на две прашања: која е откупната цена на овогодишниот род и која количина ќе биде откупена од државата, за обврзувачките резерви. Особено што амбарите на овие производители се полни, во сеидба се тргнало со ветувањата на куририте на ВМРО ДПМНЕ, а сега…
Од министерот не добија ниту еден збор што носи мирен сон, иако повеќе е од јасно дека разумна влада до сега требаше и да ја пресмета откупна цена (!?) и да почне со откупот на заостанатиот род кој го има, да ги изготви првите исплати. Да не говориме и за тоа дека треба да обезбеди извоз на овој род во време кога планетата сè уште ја чувствува кризата за храна, а токму оризот е една од трите култури битни за планетата. Наместо тоа, присутните незадоволници добија комесарски укор од Трипуновски дека претеруваат со количините на заостанат, непласиран род, за кој рече дека токму сега е предмет на некаква обработка на фирмите што откупуваат. Сега! Па што се работело во претходните сто дена?
Селаните качени на комбајните, паркирани крај патот сега не жнееја само ориз, туку во амбарите ќе однесат главоболки и први соочувања со една некомпетентна администрација во секој поглед (конкретно со нивните најреални проблеми) која самите со две раце великодушно си ја избраа! Задоволни ќе бидат само селските стаорци кои ќе имаат мирна зима кога се работи за нивната прехрана.
Ова не е разочарување на само еден социјален слој, несомнено работно ангажиран, кој заради главно поволната агротехничка опременост, како и со систем за наводнување на своите полиња (две работи поврзани со социјалистичкиот период, да се разбереме), се наоѓа во големиот процеп меѓу цената по која овде-онде веќе се откупува оризот (26 до 30 денари по килограм) и нивните барања (80 денари). Во продавниците кочанскиот ориз оди по цена од 190 до 240денари по килограм!
ПРВО ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ОНИЕ СО ПРОФИТОТ
Горчливиот ориз (Riso amaro), наречен така според бисерот на неореализмот – филмот на Де Сантис од 1949 година, навистина го собираат, овој пат без српови и десеттина други „жетвари“, некои веќе јавно огласени групации, кои беа повеќе од гласни во време на рушење на сега веќе претходна власт.
Во еден пошироко замислен обем во кои се наоѓаат граѓани кои се во работен однос и чии права се застапени во општите и грански колективни договори постои напросто чувство дека сè што е постигнато со градење на трипартизмот како современа и повеќедецениска практика е ставено под нозе. Впрочем, првиот чекор кој Владата на Мицковски го направи е да го намали данокот на профит.
Како тазе правителство што само што ги омирисало новите канцеларии на Илинденска (во јули годинава) тоа одлучи овој данок да го намали од 10 на 5 отсто, иако устата на новите министри и премиерот беше полна со жалопојки за празната буџетска каса. Вака излезе дека олеснувањето се однесува на пет фирми што ќе се офајдат, односно што влегуваат во ареалот на оние што заработуваат над 50 милиони евра годишно. Така, буџетот би останал покус за над 18 милиони евра, а тие пари ќе останат на сметките на Џонсон Мети, Јавното претпријатие за државни патишта и трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка, како што објави ТВ Телма во јули.
Како да се сфати тоа – во јавноста претставниците на власта леат солзи дека нема пари за да се исполнат потпишаните обврски со вработените од буџетските организации, а од друга страна јавно се манифестира ноншалантност при збирот на средства за да се задоволат преземените односно наследени обврски! Дури, во нахалноста да се сруши сè што се постигнало во претходниот седумгодишен период, се одеше дотаму што јавно се говореше од страна на функционерите дека ќе се укине симболичното враќање за ДДВ-то на купувачите во висина од 1.800 односно 2.100 денари на три месеци. Тоа е оној потег на шефицата на ЈСП Лукаревска кој, со скенирањето на сметките на граѓаните, одеднаш цело граѓанство го претвори во своевидни инспектори крај касите на трговците, што секако даде плод во поредовното полнење на сметките на државата. Но тоа, за малку, ќе отидеше низ Вардар, само заради просто одмаздништво и неприфаќање макар и колку да е тоа медоносно за општиот интерес!
Кога се слушнаа тие најави за укинување на Мој ДДВ, во летните месеци се почувствува дека касиерките некако се опуштија, па мораше купувачот да стои малку подолго со кусурот пред нив, чекајќи ја сметката каде е кодиран неговиот трошок. Колку ли само пари се загубија во тие месеци! Ама тоа е типична вмровска логика: ќе има политички реваншизам, макар и преку грбот на сите „поданици“.
КАМШИКОТ НА ОТКАЖУВАЊЕТО ОД ОБВРСКИТЕ
Оние што го почувствуваа тој камшик на откажувањето на вистински социјален дијалог секако се и просветарите, а заради што синдикалците од доминатниот грански синдикат во просветата – СОНК останаа со прстот во уста. Дури власта си дозволи преку својот омилен синдикалец Јаким Неделков да им се потсмева на вработените во образованието и воспитувањето, два важни сектори во земјава.
Иако претходните две Влади ги хармонизираа односите со практично сите грански синдикати, па тука влегува и СОНК, па затоа имавме најбрз раст на платите во земјата во време на повеќедецениска самостојност на државата и по промена на политичкиот амбиент, сепак некој порано, некој подоцна почнува да го плаќа данокот на својата мајска лековерност. Во случајот на СОНК се работи за наплата на политичкото прислужништво на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Од своето отцепување од ССМ, овој синдикат предводен од Дојчин Цветановски, секогаш кога на власт беше СДСМ правеше маратонски штрајкови, на сметка на образованието на основците и средношколците. Затоа во годините кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт влегуваше во глувчешка дупка.
Беше интересно секако да се осознае како ќе се постави во оваа промена кога се слушнаа првите лелеци дека касата на државата е празна. Овие претходниците „ја испразниле“. Секако дека касата е место каде парите доаѓаат и се трошат, а власта најнапред треба да внимава како таа се полни. Погоре кажавме дека прво што направија десничариве е да им олеснат на најбогатите даночни обврзници (да речеме нешто како царска милост), а при обид за промена на контрола на црната економија се обидоа да го сменат системот на некаков поврат на ДДВ-то на граѓаните. Токму таа нова практика носеше стабилизација на приходите во државните „амбари“.
Сето ова мирисаше дека и просветарите веројатно ќе извисат во исполнувањето на обврските на државата кон нивните плати. Неделков мислеше дека може да ја преспие есенва, како наследник на светогледот на Цветановски, ама членовите реагираа експресно. По очевидното притискање на највисокиот орган на Синдикатиот, СОНК побара зголемување на платите веднаш, во спротивно – излегуваат на улица.
Првиот човек на Синдикатот, Јаким Неделков, побара премиерот и ресорната министерка Весна Јаневска да најдат начин и од следната недела да пренаменат дел од парите во буџетот, за покачувања на платите во образованието. „Ако не се зголемат платите, не се исклучува можноста да го радикализираме незадоволството“, изјави Неделков. Во самата изјава имаше некакво воздушно перниче за него при средба во Владата. Од таа средба тој излезе со нестуткано одело и со покачување од цели 0,7 отсто или 230 денари во просек.
Да се потсетиме дека според колективниот договор требаше да добијат 12 отсто. И внимавајте – Неделков излезе од местото за преговори со веќе потпишана капитулација. Го држат тие на кусо јаже, за тоа во оваа Влада (и партијата) се мајстори.
КАРМАКАШИЈАТА СО МЕДИЦИНАРИТЕ
Ова секако ќе важи и за членовите на УПОЗ и другите кои се на папочната врпца со буџетот кој бил празен, а го нема ниту оној синдикален џокер за секоја ситуација (КСОМ ) – Маријан Ристевски, што изникнува секаде каде има повеќе од десет протестанти или можеби се само лица кои чекаат на својот хамбургер пред некој киоск. Со оваа Влада тој веќе има уплатено зимување.
Потсетувањето на него ни ги враќа некои слики од првите месеци на годинава. Се сеќавате ли на стажантите и специјализантите во болниците кои секој ден имаа свој тајминг на малите екрани од нашите медиуми, а каде што го гледавме и неизбежниот Риостевски. Оние околу него беа незадоволни, а посебно оние стотини и стотини завршени медицинари на кои токму за време на министерувањето на д-р Филипче добија редовни примања, во вредност од 24 илјади денари. Имаа право и на платени дежурства и слично.
Практично, треба да се исчисти сликата на телевизорите при нивните изрази на незадоволство: оние кои се стажанти во вистинска смисла оваа обврска ја изработуваат како незавршени студенти во траење од еден семестар и дури потоа стануваат дипломирани лекари кои можат да работат како матични. Тие никогаш немале право на некаков надоместок. Можат и да се дошколуваат потоа (специјализираат) ако се јават на конкурси што ги распишува државата и ако поминат на конкурсот. Но повеќето од актуелните специјалисти што ги сретнуваме по ходниците на болниците се одлучуваат на самофинансирање на обуката и за тоа треба да дадат во здравствените каси од 10 до 15 илјади евра годишно.
Порано тоа не било можно, но од времето на министерувањето на Никола Тодоров оваа можност требало финансиски да го зајакне здравствениот сектор. Не е јасно дали тоа некој со протестирањето сакал да го промени овој систем, па иако државата нема интерес да обучува специјалисти во некои сектори тие сепак да земаат плати? Инаку, овие специјализанти самите ги бираат струките за специјализација, а по три години најчесто им заминуваат во странство! Нема да бидат зијан, да не се секираме.
ШОПСКА САЛАТА
Во овие стани-падни митинзи немаше масовност, па затоа се направи една „шопска салата“, се измешаа разни профили, па и оние кои се со години вработени само по договор (кои, патем, по законот не сносат одговорност при обавување на својата задача!). Падна во очи дека тие протести имаа изблик во февруари и во април, практично во време на предизборната кампања и на постоењето на времена, техничка влада?!
Се бараше постојано вработување, бидејќи, во болниците има кај техничкиот персонал и лица кои и по 10 години работат со договор за дело, на пример. Говорниците сведочеа дека има поединци и со 15 години на работа со такви „хартии“. Ама не е јасно зошто се прават тие протести во време кога имате влада чија единствена задача е да овозможи регуларно одвивање на изборите и не смее да вработува. Затоа тие протести не се социјални, туку политички.
За оваа „трансакција“ во кумулусот на опозиционото незадоволство на белите мантили не следуваше никаква добивка во овие 100 дена. Па дури и во време на ребалансот на буџетот, бидејќи, тогаш се прераспоредуваа средствата во државната каса. Министерството за здравство изброи 1.117 лица што работат со договор на дело во здравствените установи.
Тогашниот министер за здравство, Фатмир Меџити, како нивни пребројувач, рече дека ќе ита да ги заврши сите постапки пред изборите за тие да бидат трајно вработени. Овој министер кој доѓаше од Алијанса за Албанците немаше практично повеќе од еден месец за со овој план да направи сериозен исчекор. Но, проблемот секако извира и од кусотрајноста на мандатите во овој ресор. Па така, да го видиме апсурдот одблизу и актуелниот министер за здравство Таравари имаше отворен пат на стартот на стариот и сега на новиот мандат да ги реши споменатите проблеми со оние кои чекаат со години вработувања во секторот. Значи и во претходната парламентарка поставка!
Зошто се чекало оваа амбиција да ја направи сега? Па јасно е дека не ја прави и сега. Само ветува дека до Нова година ќе вработи 300 лица со договори за дело, а остатокот понатаму? Буџетот е веќе ребалансиран, а Нова година како датум е сама по себе сомнителна цел – одлична да се искористи приказната со која се лажат малите деца, онаа де – за Дедо Мраз.
ОДМЕРУВАЊА И ВО ЦЕЛАТА ЕКОНОМИЈА
На една страна во одбележување на првите 100 дена на Владата се и гранките чии вработени зависат директно од буџетот. Но во македонската економија се и гранките каде преговарачи или партнери се класичните индустриски капацитети. Пред некој ден на конференција посветена на социјалниот дијалог што ја организираше ССМ заедно со фондацијата „Фридрих Еберт“ се виде сосема јасно комплетното незадоволство и кај работниците и кај работодавачите од билансот на стартот на новата власт.
Претседателот на ССМ Трендафилов смета дека 25 илјади работници кои примаат плата од 22.567 денари е некоректно, односно нечовечки да ја примаат како таква, а треба да се третира како кривично дело од страна на работодавачите она што 10 илјади работници примаат плата од еден денар до 22.567 денари!
Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека очекувањата од новата влада биле големи, меѓутоа она што се зборува во изминатиот период било само зголемување на платите на јавната администрација и земање кредити за општините, а заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила.
Во првите 100 дена од Владата требаше да седнеме на заедничка маса и да ги разговараме сите важни прашања како растот на платите што требаше да се случи вчера, а денеска веројатно веќе ќе биде доцна. Сметавме дека ќе имаме можност токму во првите 100 дена да ги изнесеме сите прашања, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Тој го додаде и ова: „Од тоа што можам да го кажам е дека утре ќе биде 101. ден од новата влада и повторно нема да биде ништо сменето“.
Тој вели дека аргументите за зголемување на минималната плата се издржани и поради тоа што за да се обезбеди една синдикална кошничка потребни се три минимални плати, односно дека делот за храна и пијалаци, кој е веќе 23 илјади денари, со една минимална плата не ги покрива ниту трошоците за храна и вода.
„Овие наши аргументи, како и другите со кои располагаме, а кои ќе ги изнесеме на седница на Економско-социјалниот совет ќе бидат првиот чекор да им покажеме со што се соочуваме како претставници на работниците и сметаме дека ако очекуваат да ги разбереме треба прво да нѐ разберат тие нас“, рече Трендафилов.
Незадоволство од работата на Владата во првите 100 дена во делот на економијата изрази и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска, инаку доктор по економски науки и управител на дел од скопски Раде Кончар.
Според Трајкоска, очекувањата од новата влада биле големи, но не добиле ништо. „Имавме многу високи очекувања, а не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа влада ќе има сенс за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се зборува во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација и земање кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила. Што значи, со еден збор, ништо“, децидно рече Трајкоска.
Немањето средба на Економско-социјалниот совет, Трајкоска смета дека е поради реорганизацијата на Министерството за труд и социјала, односно преминувањето на секторот труд во Министерството за економија. Таа додаде дека имаат најави за средби, но без конкретни информации и теми за разговор.
Во однос на најавите дека дел од парите од унгарскиот кредит ќе одат за бизнис-секторот, Трајкоска вели дека досега немаат никаква конкретна информација околу тоа.
„Се вели дека ќе биде за некакви инвестиции во работењето. Но, сè додека немаме конкретна информација и додека не ни биде понудено на кој начин ќе се стигнува до тие кредити, дали тие ќе бидат поволни за стопанството, не можеме ништо да говориме“, рече Трајкоска која додаде дека три клучни приоритети што во моментов му требаат на бизнисот се сите заедно да работат на поголема продуктивност на компаниите, изнаоѓање пазари и поголема инфраструктура.
Впрочем, во стегнување на каишот и строгиот поглед кон социјалната држава на оваа влада на многумина им мириса на еден малку подолгорочен план на ВМРО – подготовка за наредните локални избори кои ќе се случат до година. Ситуацијата по општините пред тој настан е доста тенка, пред сѐ во оние 40 општини и градот Скопје што се во рацете на партиите кои го градат парламентарното мнозинство. Тоа е констатација во било кој поглед, а најмногу во однос на она што беше ветување дадено пред цели три години. Затоа и се зема кинескиот кредит од една милијарда со цел да се покриваат општинските буџети и тука да се прават некои зафати, а дел од вработувањата, оние помасовните, да се остават за понатаму, да носат датум од следната пролет, а по можност и лето. Па оние кои се тогаш задоволни, да имаат и упатство за кого да гласат, без оглед дали се медицинари, просветари или други корисници на буџетот.
СИЛНА ДЕМАГОГИЈА КОН ПЕНЗИОНЕРИТЕ
Јасно, и делењето на пензиите, ветено како линеарни 5.000 денари по корисник, па поделено на две календарски години просто насочува дека се настојувало да се предизвикаат два ефекти. Првата за одбележувањето на 100-те денови на Владата, а втората пред почнување на кампањата за новите локални избори. И што се доби деновиве со првата исплата?
„Ова последно покачување на пензиите не ми донесе ништо – зема од мене за да ѝ даде на сопругата“ – се жали еден пензионер денес на Фејсбук. Тој е секако во некоја од горните три групи на пензионери, а сопругата во претходните две. Уравниловката е надвор од сите законски и други пречки во најголем дел од пензиските систем и во земјите со пазарна економија. Секој добива онолку колку што вложил во текот на работниот век во пензионерскиот фонд. Имало и до сега повици за таква уравниловка, но економската наука со успех се борела против таквите обиди.
Денес тие гласови за противење ги нема, бидејќи решението на оваа власт да направи една шарада со демагогијата кон дел од најстариот слој е само начин да плати за нивната однапред дадена поддршка за нечие враќање на власта. Повеќе од конкретната добивка кај овој слој е просто психолошка – тие гласачи несомнено со ова решение се запалуваат на можноста нему да не му биде кој знае колку добро, ама да го погоди оној другиот, инаквиот. Некогаш тоа разбуричкување во Пензионерскиот фонд може да биде и опасно, но тие аларми некако се придушени.
Додека во јавноста секојдневно се кршат копјата околу тоа дали линеарното покачување на пензиите е праведно или не, претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова останува внимателна во изразувањето оценка.
„Секое усогласување на пензиите е добредојдено, но битна е одржливоста на предложеното решение со цел да има редовна исплата на пензиите. Најважно, за еден пензиски систем е самиот да се финансира без да бара средства од надвор. Што се однесува до најавеното линеарно усогласување треба да се регулира со измени и дополнувања на ЗПИО и тоа: да се утврди карактерот на усогласувањето, што со системското усогласување, и периодот на усогласување на пензиите.
Притоа, треба да се има предвид финансиската одржливост на Фондот на ПИОМ, осигурениците вклучени во капитално финансирано пензиско осигурување – идни пензионери, ставајќи ги во еднаква правна положба“, вели Станка Трајкова во изјава за „Локално“.
Дека на Фондот за ПИОМ му се неопходни сериозни реформи укажаа и голем дел од економистите. Според нив, линеарното усогласување на пензиите не е ниту праведно ниту правично решение, бидејќи ќе донесе зголемен дефицит во Фондот за ПИОМ, зголемување на старосната граница за пензионирање и зголемување на придонесот за пензиско осигурување. Во услови на стареење на населението и масовно иселување, на среден рок тие сметаат дека ќе се доведе во прашање и одржливоста на Фондот за ПИОМ бидејќи нема да има работници кои ќе го полнат буџетот, а со тоа и неможност за исплата на пензиите.
Значи, вработените треба да се подготват подоцна да одат во пензија, а сегашните пензионери би требало да ги проверуваат сметките во банка секој месец. Пензиите може да почнат со доцнење, а потоа…
Од досегашните 100 дена на власта единствено може да биде задоволна само – власта. Или само оние кои сметаат дека ја имаат контролата врз неа како, на пример, првиот човек на Стопанската комора или нашите од „црната листа“, оние недопирливите. Засега, сѐ оди според планот.