Заврши јубилејното 20. издание на Скопскиот маратон.
Во генерален пласман, победник во машка конкуренција на годинешниот Виз Ер Скопски маратон е Хилари Чемвено (Hillary Chemweno) од Кенија, со постигнато време од 02:13:28, второто место го освои сонародникот Даниел Кипротич (Daniel Kiprotich) со време од 02:13:53, а пиедесталот го дополни македонскиот атлетичар Дарио Ивановски со резултат од 02:16:26.
Во женска конкуренција, во генерален пласман, прва на целта стигна Ирин Џеруто (Irine Jeruto) исто од Кенија со време од 02:37:52, второпласирана заврши нашата Адријана Поп Арсова со време од 02:39:39, додека третото место ѝ припадна на Вивиен Џелагат (Vivian Jelagat) од Кенија со време од 02:44:16.
На полумаратонска трка доминираа натпреварувачите од Турција. Прв низ целта мина Џан Хусеин, второто место го освои Емектар Мурат, а трет беше Гедиклиоглу Абдурахман. Најдобар македонски натпреварувач на полумаратонската трка беше Иван Пешовски кој заврши на шестата позиција.
Во женска конкуренција, на полумаратонската трка победи Милица Мирчева од Бугарија. Греша Бакрачи од Албанија беше втора, а третата позиција ѝ припадна на Јулие Ларсен од Норвешка.
Рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји денеска ги исполнија скопските улици со спортска атмосфера, натпреварувачки дух и многу ведри и задоволни лица.
Трките започнаа точно во 8 часот пред Собранието на Република Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон се упатија накај населбата Хром, по улицата Теодосиј Гологанов, по што се вратија назад во центарот на градот, каде продолжија покрај Тутунски комбинат, на Трета македонска бригада. Потоа се упатија лево по улицата Васко Карангелевски, кај Мајчин Дом, па потоа по Булевар Србија десно, каде полукружно се вратија на Тобако 2 и по Булеварот Јане Сандански се вратија на Трета македонска бригада и финишираа на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје.
Учесниците на 5км својата трка ја започнаа пред Собранието, по што се упатија во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат лево, по „Трета македонска бригада“ и откако свртеа полукружно кај Супермаркетот Тинекс, по истата траса се вратија назад до целта, на плоштадот „Македонија“.
Според резултатите, во конкуренција на македонските тркачи во маратонската трка, први се Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова како најбрзи Македонци на годинешната спортска манифестација, која ги разбуди скопските улици.
Во машка конкуренција кај македонските атлетичари победник на полумаратонот годинава е Иван Пешевски со време од 01:12:58, на второ место Александар Арсов со време од 01:13:49, додека трет беше Илија Кироски со време од 01:15:27.
Победничка во женска конкуренција кај македонските натпреварувачки на полумаратонот е Милјана Ристиќ со време од 01:22:55, второто место ѝ припадна на Фросина Михајловска со време од 01:31:23, додека како третопласирана заврши Теа Божиновска со време од 01:33:44.
Победник во најкратката трка на 5 км, беше Гилман Јунузи со време од 00:15:45 во машка конкуренција, втор заврши Григоријан Никовски со време 00:15:54, а третопласиран беше Бојан Чаприќ со постигнат резултат од 00:16:16. Во трката на 5 км кај дамите, прва низ целта мина Ирма Хајдари со време 00:18:31, а место на пиедесталот имаше и за Дарија Крстевска (00:19:38) и Христина Секулоска (00:20:37).
Голема помош во организацијата на годинешниот маратон пружија и вкупно 600 пријавени волонтери, кои им поделија 25 тони вода и 2 тони овошје на учесниците, како и 54.000 безопасни игли за прицврстување на натпреварувачките бројчиња. На секои 900 метри беше поставен освежителен пункт со различно освежување за тркачите, а забавниот дел на манифестацијата беше збогатен и со 10 музички точки.
Организаторите на Виз Ер Скопски маратон им честитаа на победниците и учесниците, кои оваа година учествуваа на најмасовната спортска манифестација во Македонија, им се заблагодарија на сите волонтери за вложенениот труд и спортскиот дух, кој што секоја година го краси овој настан.
„Задоволство ми е кога ќе ги видам скопските улици исполнети со луѓе уште во раните утрински часови. Им честитам на победниците на трките, како и на сите, кои учествуваа и покажаа дека се грижат за своето здравје преку физичка активност. Благодарност до волонтерите, кои со својот труд придонесоа јубилејниот 20. Виз Ер Скопски маратон да биде одлично организиран и да помине во најдобар можен ред“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски маратон.
Главен покровител на 20. Јубилејно издание на Виз Ер Скопскиот маратон е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Сите резултати се достапни на официјалната веб страница – http://skopskimaraton.com.mk/
Фото: Виз Ер Скопски маратон
Ј. Ѓ.