Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, освојувач на 22 Грен слем титули, вчера објави дека се повлекува од професионалниот тенис.
Рафаел Надал како што наведува во видео пораката, ќе се пензионира на крајот од оваа сезона. Последните натпревари Надал ќе ги одигра во ноември за шпанскиот Дејвис куп тим.
Во видео пораката што ја објави, Надал им порача на навивачите:
Mil gracias a todos
Many thanks to all
Merci beaucoup à tous
Grazie mille à tutti
谢谢大家
شكرا لكم جميعا
תודה לכולכם
Obrigado a todos
Vielen Dank euch allen
Tack alla
Хвала свима
Gràcies a tots pic.twitter.com/7yPRs7QrOi— Rafa Nadal (@RafaelNadal) October 10, 2024
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ кој е еден од најголемите ривали во кариерата на Надал, со емотивна објава му се заблагодари на Надал за сè што направи за него и за тенисот. Ѓоковиќ, како што истакна, ќе присуствува во Малага, на последниот меч на Надал како професионалец .
„Рафа, еден пост не е доволен за да ја изразам почитта што ја имам кон тебе и она што го направи за нашиот спорт. Инспирираше милиони деца да почнат да играат тенис и мислам дека тоа е веројатно најголемото достигнување што некој може да го посака. Твојата истрајност, посветеност, борбеност ќе се учи со децении. Твоето наследство ќе живее вечно. Само ти знаеш што требаше да издржиш за да станеш икона на тенисот и спортот воопшто. Ти благодарам што ме турна до самата граница толку многу пати во нашето ривалство што најмногу влијаеше на мене како играч. Твојата страст во претставувањето на Шпанија отсекогаш била извонредна. Ти посакувам најдобро можно збогување во Малага со Дејвис куп тимот на Шпанија. Ќе бидам таму лично за да оддадам почит на твојата ѕвездена кариера“, напиша Ѓоковиќ во објава на Фејсбук.
Ѓоковиќ и Надал имаа 60 меѓусебни дуели на тениските турнири. Големото ривалство заврши со скор 31 – 29 во корист на Новак Ѓоковиќ.
Ј. Ѓ.