Индија и Кина почнаа да ги повлекуваат трупите од нивните последни две спротивставени позиции на спорната граница на Хималаите, изјави извор од индиската влада запознаен со ова прашање, најавувајќи го крајот на четиригодишниот воен судир.
Двата нуклеарно вооружени соседи постигнаа договор оваа недела за граничните патроли, отворајќи го патот за првите официјални разговори меѓу нивните лидери по пет години, одржани во Русија.
Откако беа договорени патролите, изворот, кој сакаше да остане анонимен, денеска рече дека трупите од двете страни почнале да се повлекуваат од областите Депсанг и Демчок, последните преостанати точки каде што застанале едни против други.
Во Пекинг, портпаролот на министерството за надворешни работи Лин Џијан рече дека повлекувањето се одвива непречено.
– Во согласност со неодамна договореното решение меѓу Индија и Кина, нивните армии од фронтот спроведуваат релевантна работа, со досега непречен напредок, рече Лин Џијан.
Ниту една страна не даде детали за договорот, кој се очекува да ги подобри политичките и деловните врски оштетени од воениот конфликт во 2020 година.
На состанокот одржан завчера, индискиот премиер Нарендра Моди и кинескиот претседател Си Џинпинг се согласија да ја зајакнат комуникацијата и соработката во обид да помогнат во решавањето на несогласувањата.