Најмалку 28 палестински цивили загинаа утрово во израелски напад врз Кан Јунис на југот на Појасот Газа, додека десетици луѓе се повредени, јави палестинската новинска агенција ВАФА.
Агенцијата наведува дека цел на нападот била куќа во населбата Ал Манара во Кан Јунис.
Израелските сили уништиле повеќе од 10 станбени згради во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа во последните неколку недели, пренесува Гардијан.
ВАФА, исто така, објави дека израелските војници упаднале во болницата Камал Адван на северот на Газа, при што војниците пукале во зградата и ги уништиле прозорците. Се наведува дека војниците го блокираат пристапот до виталните медицински материјали со нивното опкружување на објектот.
Ал Џезира објави дека „непознат број деца“ биле убиени кога израелската војска ја бомбардирала болницата Камал Адван во Бејт Лахија, северна Газа.
Армијата ги продолжува операциите во Појасот Газа и започна нова офанзива на северот на територијата каде што тврди дека борците на Хамас се прегрупираат.