Стотици бегалци и мигранти, кои во изминатиот период пристигнаа на Родос оставени се на улици и плоштади низ градот, со оглед на тоа што на грчкиот остров не постои прифатен центар, па јавниот простор, како што пишуваат локалните медиуи, претворен е во импровизиран камп со поставени шатори, душеци, картонски кутии, без никакви хумани услови, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос говорејќи за грчката телевизија „Скај“ рече дека според информациите од претседателот на полицајците на Родос станува збор за околу 700 бегалци и мигранти, но истакна дека тоа е само процена и не може да се знае точниот број, бидејќи лицата не се регистрирани и не се никаде сместени, а нивниот транспорт, како што нагласи е сложен процес.
-Ќе ви кажам колкумина сигурно се заминати. Во средата 100 лица беа префрлени во кампот Диавата во Солун. Други 200 тргнаа за Хиос, но сметавме дека е подобро да се пренесат на Самос, таму да преноќат, а денеска, во текот на денот да бидат префрлени во Пиреас за да се сместат во кампот Малакаса. Предуслов, секако, е завршувањето на штрајкот на бродската федерација. Процените се дека тоа ќе се случи во текот на денот за да отплови брод од Пиреас, што ќе стигне на Самос. Други 150 денеска заминуваат за Лерос, објасни Панајотпулос.
Нагласи дека идејата што постои и за која се разговара со локалните власти на Родос како решение за проблемот е можноста да се отвори привремен простор, што нема да биде ниту бегалски камп, ниту прифатен центар, туку простор за привремен прием на бегалците и мигрантите во кој ќе имаат основни услови како безбеден и организиран простор со хемиски тоалети, за овие луѓе да не бидат на улиците додека чекаат да бидат препратени на регистрација во некој од прифатните центри.