Заврши првата фестивалска вечер на „Макфест“. Според гласовите на публиката и жири-комисијата вечерва на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ повторно ќе настапат Сања Тодоровиќ со „Јас сум виновна“, групата The solution со „Ти и јас“, Мирјана Митрева со „Плачев во себе“, Тамара Волческа „Кажи ми да знам“ и Калина и Александар со „Да не те познавав“.
Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ годинава има неколку новитети, а еден од нив што придонесува да биде поубав и музички спакуван, е оркестарот во живо на сцена. Првата фестивалска вечер помина во одлична атмосфера со водителите Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски, а на сцената се појави и водителката Вера Јанковиќ, која со години го водеше „Макфест“. Во ревијалната шоу програма македонските пејачи Андријана Јаневска и Ѓоко Таневски ја потсетија публиката на познатите макфестовски евергрини.
Вечерва на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“, во рамки на 39-то издание на „Макфест“ ќе бидат испеани вкупно 15 песни. Втората вечер почнува во 20 часот, а директен пренос има и на МТВ.