Јужна Кореја има намера да испрати тим во Украина за да го следи и анализира распоредувањето на севернокорејските војници за кои се вели дека се борат на страната на Русија, изјави денеска претставник на претседателската канцеларија во Сеул.
Сеул и неговите сојузници веруваат дека најмалку 11.000 севернокорејски војници се испратени во Русија, а повеќе од 3.000 од нив се веќе стационирани во близина на линијата на фронтот во Украина.
Во меѓувреме, јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол разговараше за ова прашање со канадскиот премиер Џастин Трудо. Според соопштението на претседателската администрација во Сеул, Трудо рече дека распоредувањето на севернокорејските трупи во руско-украинската војна најверојатно ќе доведе до ескалација на конфликтот.
Трудо посочи дека војната ќе има поголемо влијание врз безбедносната средина во Европа и индо-пацифичкиот регион. Тој, исто така, предложи поблиска соработка меѓу Канада и Јужна Кореја поради развојот на ситуацијата.
САД вчера потврдија дека сега има севернокорејски војници во руската област Курск, а уште неколку илјади се на пат натаму.