Градежните работи за проширување на патот Елбасан – граничен премин Ќафасан, кај Струга, кој е дел од Коридорот 8, се одвиваат според планираната динамика, објави албанскиот премиер Еди Рама.
-Овој патен правец се смета за еден од најважните во државата, пат кој ќе ги поврзува Драч-Елбасан-Либражд-Ќафасан, за да продолжи понатаму кон Северна Македонија и Бугарија. Од инвеститорот беше побарано изградбата да ја подели во неколку фази, со што реализацијата на работата ќе биде пофлексибилна, како од менаџерска, така и од економска страна, напиша Рама на социјалните мрежи.
Патот Елбасан-Ќафасан е од категоријата Б, со четири ленти, по две од секоја страна, со разделници и сите параметри на патот, и со минимална брзина на движење од 110 километри на час. Предвидена е изградба на бајпас во Елбасан, со цел да не се влегува во градот.
Релацијата Ќафасан – Елбасан во должина од 50,12 километри која се возеше за час и половина, со новиот автопат патувањето се скратува на 35 минути.
-Изграден пред повеќе од две децении единствените инвестиции беа во неговото одржување. Во нашата анализа оценуваме дека проширувањето на патот ќе ги намали сообраќајните незгоди и честите блокади, го олеснува сообраќајот и го скратува времето на патување, како во правец кон Македонија, така и во правец кон Корча, со зголемување на максималната дозволена брзина, потврдуваат од Државната агенција за патишта.
Работите започна во декември 2022 година и е предвидено да заврши до крајот на годинава. Дел од патот за сообраќај беше отворен во јуни годинава.