Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски упатија честитки за Денот на ромскиот јазик.
Филипче во објава на Фејсбук истакна дека „Денот на ромскиот јазик е потсетник за важноста на културната инклузија и почитување на различностите“.
„Како Претседател на СДСМ, упатувам искрена честитка до сите граѓани, особено до припадниците на Ромската заедница, кои со гордост го негуваат и пренесуваат овој јазик низ генерациите. Преку промоција на ромскиот јазик, не само што ја зачувуваме традицијата и историјата на еден народ, туку испраќаме и силна порака за почитување на различностите и за нашата заложба за инклузивно општество, во кое сите граѓани имаат еднакви можности и права. Нашата партија, СДСМ, останува посветена на градење на држава во која културните и јазичните богатства на секој народ ќе бидат признаени и вреднувани. Нека овој ден биде потсетник за значењето на ромскиот јазик и за нашата заедничка одговорност да го зачуваме како дел од богатото културно наследство на нашата земја. Честит Ден на ромскиот јазик!“ стои во честитката на Филипче.
Премиерот Мицкоски истакна дека „Денот на ромскиот јазик е и потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива“.
Денот на ромскиот јазик е потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива. Грижата за јазикот е и грижа за иднината на ромската култура и нејзините вредности. Со поддршката на образованието, културните манифестации и меѓународните иницијативи, можеме да бидеме сигурни дека ромскиот јазик ќе продолжи да биде дел од нашето културно богатство, истакна премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик.
Мицкоски рече дека во последните неколку децении се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и кутлура но дека се уште има многу предизвици бидејќи ромскиот јазик е под закана од губење поради асимилиација и недостатокот од системска поддршка.