Брајан Ланза, кој работеше на претседателската кампања на Трамп, со изјави кои го вознемирија светот, изнесе тврдење дека администрацијата на Трамп укажала дека враќањето на изгубената украинска територија не е во нејзиниот фокус. Но тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп брзопотезно се огради од изјавите на републиканскиот стратег, објави Еуроњуз денеска, пренесе ЦивилМедиа.
Во интервју за Би-Би-Си, Брајан Ланза, кој работеше на претседателската кампања на Трамп, наведе некои од наводните точки на администрацијата на Трамп за мир и сугерираше дека враќањето на изгубената територија не е приоритет. Но портпаролот на транзицискиот тим на Трамп рече дека Ланза не работи за новоизбраниот претседател и дека не зборува во негово име.
За време на кампањата, Трамп тврдеше дека може да ја заврши војната во Украина „во рок од еден ден“ без да навлегува во детали за тоа како ќе се постигне тоа.
Пентагон во петокот потврди дека веќе ветениот пакет воена помош во вредност од 6 милијарди долари (5,6 милијарди евра) ќе му биде овозможен на Кијив пред Трамп да ја преземе функцијата во јануари, бидејќи администрацијата на Бајден стравува дека идниот претседател може да ја запре нејзината испорака.
Според податоците на веб-страницата на Стејт департментот, САД ѝ доделија на Украина нешто повеќе од 64 милијарди долари (59 милијарди евра) воена помош откако Русија ја нападна земјата во февруари 2022 година.
Русија го анектира полуостровот Крим во 2014 година. Повеќе од две и пол години по започнувањето на сеопфатната инвазија на Украина, руските сили контролираат нешто помалку од 20 отсто од украинската територија. Зеленски постојано изјави дека мирот не може да се воспостави се додека руските сили се присутни во Украина и додека не ја вратат целата територија што моментално е под руска контрола, вклучувајќи го и Крим.
Неговиот „план за победа“, откриен минатиот месец, го вклучува тоа барање, како и повикот Украина да се приклучи на НАТО, на што Русија се противи.
Рускиот претседател Владимир Путин во јуни рече дека условите за мировни преговори вклучуваат откажување на Украина од четири региони кои Москва ги анектираше иако не ги контролира целосно.