Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, коментирајќи го повикот на германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот лидер Владимир Путин, во вечерното обраќање рече дека нема да има договор Минск-3 бидејќи на Украина и треба вистински мир, пренесува Укринформ.
„Канцеларот Шолц ми кажа дека ќе му се јави на Путин. Повикот на Олаф, според мене, е Пандорината кутија. Сега може да има други разговори, други повици. Само многу зборови. И токму тоа го сака Путин долго време: за него е клучно да ја ослабне својата изолација. Изолација на Русија. И да се вклучиш во преговори, обични преговори, тоа нема да доведе до ништо. Како што тоа го прави со децении. Ова и овозможи на Русија да не промени ништо во својата политика, да не направи ништо суштинско, и на крајот доведе до оваа војна. Сега ги разбираме сите овие предизвици. Знаеме како да постапиме. И сакаме да ги предупредиме сите: нема да има Минск-3; она што ни треба е вистински мир“, рече претседателот Зеленски.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина, првпат во последните две години, соопшти германската Влада.
Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт објави дека за време на разговорот Шолц ја осудил руската агресивна војна против Украина и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите што ја нападнаа земјата во февруари 2022 година.
Шолц, исто така, ја повика Русија да биде подготвена да преговара со Украина за да се постигне праведен и траен мир и ја изрази непоколебливата решеност на Германија да ја поддржи Украина во нејзината борба, се вели во писмената изјава на Хебстрајт.
Тој додаде дека Шолц претходно разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека тоа ќе го направи повторно по разговорот со Путин.
Ј. Ѓ.