Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, помалку од две недели по претседателските избори во САД, ја критикуваше политиката и расудувањето на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден во клучните моменти од војната со Хамас и Хезболах.
Нетанјаху рече дека САД предложиле да не се влегува во Газа и оти со резерва гледаат на влегувањето на израелската армија во градот Газа, Кан Јунис, а особено Рафа, на југот на територијата.
– Претседателот Бајден ми рече дека ќе бидеме сами ако отидеме таму. Тој исто така рече дека ќе ги запре испораките на важното оружје за нас. И го стори тоа. Неколку дена подоцна се појави (државниот секретар на САД, Ентони) Блинкен и му ги повторив истите работи што му ги кажав и реков дека ќе се бориме со нокти, рече Нетанјаху на пленарната седница на израелскиот парламент.
САД задржаа една пратка од околу 900 килограми бомби, но дозволија да продолжат испораките на други оружја.
Израелскиот лидер ги критикуваше и позициите на САД по иранскиот напад со дронови и ракети врз Израел.
– Повторно, нашиот пријател ни рече дека нема потреба да одговараме. А јас реков дека не е прифатливо да се седи и да не се реагира. И ние одговоривме, рече Нетанјаху.
Тој објасни дека обезбедувањето безбедност на северот на Израел бара систематска акција против можни напади на Хезболах и оти тоа не е само реакција, туку обид да се спречи проиранската организација да ја изгради својата моќ.
Говорот на Нетанјаху постојано го прекинувале опозициски пратеници и демонстрантите на балконот, кои носеле транспаренти со фотографии на заложници што се држат во Газа. Некои од нив биле изнесени од салата од редарите.
Нетанјаху рече и дека синоќа до три часот наутро разговарал со соработниците и припадниците на безбедносните сили како да ги вратат заложниците дома.
Тој додаде дека фокусот сега е да се поткопа способноста на Хамас да владее со Газа, нешто за што тој зборува со месеци, јавија израелските медиуми.