Сојузниците на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп остро ја критикуваа одлуката на претседателот Џо Бајден да и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади во Русија, обвинувајќи го за сериозна ескалација.
Бајден, кому му остануваат уште два месеца од мандатот, значително ја промени политиката на земјата попуштајќи пред долгогодишното барање на Украина, која речиси три години се бори против руската инвазија.
Новата политика и ветувањето на Бајден дека ќе ја забрза воената помош за Украина доаѓа во време додека САД се подготвуваат за инаугурацијата на Трамп во јануари, кој ја доведе во прашање американската помош за Киев.
Трамп во повеќе наврати ветуваше дека ќе стави крај на војната, но не кажа како ќе го направи тоа.
Москва вети дека ќе даде „соодветен“ одговор во случај навистина да се употребат американски ракети против Русија, а тимот на Трамп го обвини Бајден за ескалација на војната од политички причини.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер на дневниот брифинг ја обвини Русија за ескалација бидејќи прифатила распоредување на севернокорејски војници да се борат против украинските сили.
Милер истакна дека Бајден, а не Трамп, сè уште е претседател на САД.
Мајк Волц, пак, кого Трамп го избра за советник за национална безбедност, вели дека „тоа е уште едно скалило погоре на скалата на ескалација и никој не знае каде оди ова“.
„Никој не очекуваше дека Џо Бајден ќе ја ескалира војната во Украина во преодниот период. Ова е како да почнува нова војна“, напиша на социјалната платформа X Ричард Гренел, кој беше вршител на должноста директор на разузнавачката агенција (ДНИ) за време на првиот мандат на Трамп.
„Сега сè е променето, сите претходни калкулации сега се ништовни. И сето тоа го прави политиката“, рече Гренел.
Тој моментално нема позиција во идната администрација, но неговото име се појави во дискусиите за можен државен секретар пред Трамп конечно да одлучи да го избере сенаторот Марко Рубио.
Доналд Трамп Јуниор се приклучи на критиките, пишувајќи на X: „Се чини дека воено индустрискиот комплекс сака да се погрижи да победи во Третата светска војна пред татко ми да добие шанса да создаде мир и да спаси животи“.
„Тој е единствениот човек кој може да ги доведе двете страни на маса за да преговараат за мир и да работат на завршување на војната и запирање на убиствата“, рече портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг.