Градскиот совет на Лос Анџелес едногласно усвои уредба за заштита на имигрантите кои живеат во градот.
Потегот на градот во јужна Калифорнија, вториот најнаселен град во САД по Њујорк, уследи по ветувањето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп дека ќе спроведе масовна депортација на имигранти.
Регулативата ја кодифицира заштитата на мигрантите во општинското право. Членот на Советот, Пол Крекоријан рече дека мерката се однесува на „потребата да се осигураме дека нашата имигрантска заедница овде во Лос Анџелес разбира дека ние го разбираме нивниот страв“.
Градот е дом на 1,3 милиони мигранти, рекоа членовите на Советот, без да прецизираат колкумина легално влегле во земјата.
Единаесет држави презедоа чекори, во различен степен, за да ја намалат соработката со федералната имиграциска полиција, според непрофитниот Центар за правни ресурси за имигранти.