Обилни снежни врнежи денеска зафатија повеќе делови на Велика Британија пред пристигнувањето на бурата Берт, која се очекува за викендот, а затворени се околу 200 училишта, јавуваат британските медиуми.
Метеоролозите издадоа жолт метеоаларм за голем дел од северна и западна Шкотска, како и за делови од југозападна Англија, јавува Би-Би-Си.
Повеќе од 60 училишта во таа област беа затворени поради невремето, како и 30 во Велс, додека околу 100 училишта во Девон и Корнвол целосно или делумно ја откажаа наставата.
Се очекува бурата Берт во сабота да донесе нови обилни снежни врнежи, дожд и ветрови со јачина до 112 километри на час во некои области.
Автомобилската служба ги предупреди возачите дека доколку тргнат на пат да бидат крајно внимателни во сообраќајот.
Поради снегот откажани се неколку поаѓања на возови во подрачјата погодени од невреме. Температурите во делови од Шкотска се спуштија до 10 степени под нулата, а се очекува ноќеска драстично да се намалат, предупредија метеоролозите.