Д-р Сашо Орданоски во своето обраќање на панелот „ Демократијата под опсада“, дел од конференцијата „Одбрана на демократијата и човековите права“ се осврна на тоа дека демократијата е во криза и не можат поединци да ја одбранат.
„Имаме уште долг пат пред нас. Новинарството не е за вистината туку е за фактите и релевантниот контекст“.
Традиционалните медиуми имаат три намени – контролирање на информациите, поставување на агендата и обликувањето.
Тој додаде дека новинарството е пакет на вештини.
„Алгоритмите не втрурнуваат да скокнеме во зајачка дупка. Околу 75 проценти од информациите е преобјавена вест без да ја прочитаат. Информациите мора да се проверат пред да стигнат до публиката“, рече тој.
Орданоски посочи дека пред една година беше во Естонија со проект од НАТО, и го сподели искуството на Естонија каде што има полициска служба 24 часа, каде граѓаните може да пријават недолични содржини или дезинформација.
„Полицијата го детектира изворот или лицето кое шири дезинформација и презема конкретни мерки. Во Естонија има 25 посто руски говорници. Естонија се справува со дезинформации со системско решение“, додаде тој.
Орданоски нагласи дека нас ни треба системско решение за борба со дезинформациите, не систем на „големиот брат“ но, систем кој ќе биде функционален.
Д-р Орданоски е доктор по комуникации и политички науки и има работено на големи регионални и меѓународни иницијативи во медиумските и антикорупциските напори. Предава на Универзитетот на Југоисточна Европа и на Универзитетот Американ Колеџ Скопје а зад себе има над 40 години искуство во новинарство, односи и комуникации со јавноста.
Меѓународната конференција „Одбрана на демократијата и човековите права“ во Скопје е дел од програмата на Неделата на човекови права – иницијатива на Владата на Северна Рајна-Вестфалија.
Конференцијата се состои од четири сесии, во кои учествуваат повеќе од 25 учесници од Северна Македонија, регионот, Европа и САД, како и изложба и штандови со изданија на организацијата која оваа година одбележува 25 ГОДИНИ од основањето.