Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски објави дека унгарската компанија 4iG и официјално изразила интерес за влез на македонскиот пазар што, како што вели, ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператори во земјава и намалување на цените за мобилни услуги.
-Унгарската компанија денеска официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега веќе АЕК треба да ја води постапката и се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот на два оператори, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Николоски во емисијата „Само Интервју”.
Тој потенцираше дека секоја друга компанија може да конкурира, а целта е да се обезбедат поевтини услуги за граѓаните.
Николоски образложи дека ваквата одлука следи откако мобилните оператори во земјава не направиле ништо во изминатите четири месеци да ги подобрат условите.
-Ниту ги намалија цените, ниту ги подобрија услугите, ниту го почитуваат законот, истакна Николоски.