Tина Иванова, музиколог, продуцентка, писателка – секоја сабота на Фронтлајн.
ИЗРАЗИ СЕ!
Изрази се,
инаку ќе умреш.
Изговори гласно, па макар и да подголтнуваш отворени рани.
Кажи дека не сакаш да водиш љубов. Кафетинот замени го со Бахова фуга. Кажи дека ти недостига оној филмски шарм како на почетокот, сигналот на невидливите феромони, врелината на усните од кои ,,корне” здив на миризлива страст. Кажи дека сакаш да помирисаш нов парфем на неговиот џемпер. Мирис на посакување.
Изрази се,
инаку ќе умреш.
Кажи дека ти се повраќа од репетитивниот и крајно здодевен порив за празнење на неговата машкост само поради егоцентричен алпинизам. Кажи дека ти се допаѓа кога под јазикот има лист од нане за да ја оправдаш неподносливата одбивност кога е во твоја близина. Смрад на леш, наместо на гламур.
Кажи дека болката е многу понепријатна кога е хронична. Дека тоа континуирано дозирање со клеветнички зачин замаскиран со мирис на темјан те гони секој ден.
Изрази се, инаку треморот на телото нема да ги тргне рацете од душата којашто ја прегрнува со бодликава жица.
Кажи дека не сакаш методи како она нацистичко измачување со звук, на пример.
Замисли си: ,,Лили Марлен” секој ден за репресија и терор! Тоа би бил само добар наслов за ТВ емисија! ,,Лили”, може, но во мигот за да го одиграте па макар и последниот валцер, заедно.
Изрази се,
инаку ќе умреш.
Купи го тоа проклето црвило и не жали. Парите секако ќе ги потрошиш за поинакво задоволство.
Биди дама, исправи го грбот и чекори со брадата свртена кон небото. Така можеби ќе видиш синило кое ќе ти подари чувство на спокој.
Тоа небо, можеш да го гушнеш исто онака како кога твојата мајка те чекаше да те земе од градинка со широко отворени раце.
Таа тогаш носеше насмевка која врескаше од среќа за конечно ослободување од канџите на непознатите лицемери коишто ја галеа со валкани раце.
Сакаше дома, со тебе.
Ете, тоа, наместо да броиш изгазени пикавци и да им се чудиш на стаорците како групно чекорат кон канализацијата глодајќи им ги душите на наивните. Тие секако нема да знаат како им е на оние коишто летаат.
Изрази се,
инаку ќе умреш.
Изрази се, но во форма на блескав бисер којшто ѕирка од полуотворена школка што се уште не е пронајдена. Достоинствено. Не грижи се за погрешните шаховски потези на другите.
Кажи и не срами се дека си осамена. Често и како залутан шерпас на далечна планина. Иако студот веќе ги изгорел твоите усни. Но…
Изрази се,
инаку ќе умреш.
Најди начин.
Градот е нем, секако. Тој нема да ти помогне. Ниту гмизавците, ниту лешинарите. Никој. Ниту мртвите нема да излезат од гробовите ниту живите ќе видат дека си жива.
Затоа, изрази се,
инаку ќе умреш.
Ако веќе не си мртва.
Ако веќе не си мртва…
„Поезијата е поблиску до вистината, отколку историјата, рекол Платон.
Пишувам поезија и проза за да ја разберам осаменоста. За да ја засилам љубовта и полесно да се доближам до смртта. И, за да ги уништам злобата и лицемерието што се случуваат пред моите очи.” – Тина Иванова.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Не е дозволено преземање без писмена дозвола од редакцијата.
Прочитајте и…