Во киносалата на Кинотека, вечерва, ќе бидат прикажани кратките филмови „Агент Блу“ на Јана Денковска, „Колач“ на Костадин Тасевски и „Фејктопија“ на Максим Котески и Алек Дуковски, кои се учесници на работилницата „Филмска училница ФИЛМЕЈ“, која е во организација на Кинотека и Гете Институт – Скопје.
Како што информираат од Кинотека, по проекцијата на кратките филмови, ќе следи кратка дискусија за филмовите.
– Филмските училници во чии рамки се направија овие кратки филмови се одржуваа секоја сабота во Кинотеката, во текот на првото полугодие од учебната 2024/25 година, и во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Тие, заедно со режисерот Саша Станишиќ, како и филмските автори Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш учеа за филмската уметност и работеа на своите први кратки филмчиња, во улога на режисери, сниматели, актери и сценаристи, стои во соопштението.