Не смееме да дозволиме работниците да бидат оставени на маргините на општеството. Повеќе од кога било е потребно зголемување на минималната плата на 500 евра. Растот на минималната плата не е само економска потреба, туку и морална одговорност на секоја влада, рече на денешната прес конференција потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
-Со ова темпо на раст на трошоците за живот, веќе е созреана потребата од 500 евра минимална плата, за да можат граѓаните да имаат пристоен живот и да ги покријат основните месечни потреби за храна и услуги. Ако Владата и Мицкоски навистина се грижат за граѓаните како што кажуваат, тогаш во 2025 година ќе ја зголемат минималната плата на 500 евра, за да се заштити стандардот на работниците и нивните семејства, рече Костова.
СДСМ, како одговорна партија, вели Костова, нема да отстапи од грижата и посветеноста за обезбедување на посигурен и квалитетен живот на граѓаните и на стопанството.
-Повторно повикуваме, да се прифатат нашите предлози за повисока минимална плата и за укинување на ДДВ за храна. Ова се решенија кои се во интерес на сите граѓани. Сите ние носиме одговорност да им помогнеме на граѓаните да имаат пристоен живот, истакна Костова.
Доста е веќе од лаги и лажна грижа, граѓаните заслужуваат и очекуваат Влада која се грижи и работи за нив, рече потпретседателката Кристина Костова.