Неформален документ од страна на Кипар, Австрија и Грција, со кој трите земји ја повикуваат ЕУ да игра активна политичка улога во сириската криза, за да се гарантираат правата на сите сириски граѓани, вклучително и малцинствата, претставил шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од Министерството за надворешни работи на Република Кипар, трите земји, исто така, ја повикуваат ЕУ на „тесна соработка со нејзините регионални партнери, а особено со арапските партнери, да работи на обезбедување во Сирија пристојни услови за доброволно, безбедно и одржливо враќање на сириските бегалци во нивната татковина“.
Кипарската новинска агенција ЦНА пишува дека нон-пејперот доставен до Унијата меѓу другото, предлага: назначување на специјален пратеник за Сирија, создавање механизам за поддршка на ЕУ, како и искористување на замрзнатите средства на режимот на Асад за обнова на земјата.