Италијанската полиција денеска соопшти дека уапсила 38-годишен Иранец по кого трагаат САД поради наводно давање материјали на Корпусот на иранската револуционерна гарда.
Американската влада ја смета Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, пренесе АНСА.
Американските власти бараат екстрадиција на осомничениот поради неговата наводна вмешаност во набавка на електронски компоненти за производство на смртоносно оружје, како што се дронови.
Осомничениот наводно е поврзан со нападот со дронови на група поддржана од Иран во Јордан во јануари, кога загинаа тројца американски војници, а десетици беа повредени. Тој наводно поседувал швајцарска компанија која транспортирала навигациски системи за дронови и проектили.
Тој бил уапсен на миланскиот аеродром Малпенса, каде бил во транзит откако слетал од Истанбул.
Полицијата го претресла осомничениот и неговиот багаж, запленувајќи електронски компоненти компатибилни со тие за кои тој се терети во САД.