Деветнаесет годишниот напаѓач во основното училиште „Пречко“ во Загреб кој уби едно дете, а неколкумина рани со нож бил ученик во тоа училиште и моментално живее во близина на училиштето, изјави попладнево хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
-Шокирани сме од овие настани. 19-годишен млад човек влегол во училиштето и со остар предмет ги нападнал професорката и учениците. Едно дете починало, додека уште тројца повредени се испратени во медицински установи. Наставникот и напаѓачот се во болница и на сите лица им е укажана лекарска помош. Сторителот е 19-годишник кој бил ученик во тоа училиште и моментално живее во близина на тоа училиште, рече тој.
Насилникот бил совладан десет минути по пријавувањето на настанот.
-Тој си нанел и почнал да си нанесува повреди, исто така со нож. Се сокрил во блиските простории на Здравствениот дом. Полицијата го спречила да се самоубие, кажа министерот.
Според информациите на полицијата лицето имало психички нарушувања. Пред околу една година се обидел да се самоубе.
-Тешко е да се каже дека личноста била психички урамнотежена, додаде Божиновиќ.
Министерот за образование Радован Фукс изјави дека детекторите за метал се непрактични во училиштата, бидејќи проверката би траела со часови. Ова училиште, како што рече, има и видео надзор.
-Не се работи за ученик или терористички чин. Колку што знам, училиштето било отклучено и тој влегол, рече министерот.
Хрватските медиуми објавија дека наставничката е оперирана и во моментов не е во животна опасност. Меѓу повредените има и 15-годишно момче кое моментално е на операција, но не е во животна опасност. Другите две деца се на возраст од 11 и 7 години и се полесно повредени.
Министерката за здравство Ирена Хрстиќ впретходно денеска изјави дека е згрозена од нападот и изрази сочувство до семејството на починатото дете, а за повредените рече дека се пренесени во болница и во овој момент сите се надвор од животна опасност.
Загрепската полиција извести дека утрово, нешто пред 10 часот, млад човек со остар предмет или нож повредил наставник и неколку ученици во воспитно-образовна установа „Пречко“.
-Напаѓачот е под надзор на полицијата. На повредените им се укажува лекарска помош, соопштија од полицијата.