Блузи и маици со амблемот и логото на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и специјалните единици на полицијата и армијата за 1000 денари, секој граѓанин на Северна Македонија може да купи онлајн, додека ако нарачате повеќе од 10 броеви има попуст од 20%.
Со оваа блуза, која воопшто не се разликува од службените на официјалната полиција и елитните полициски единици, граѓанинот или граѓаните кои се опремени со нив може да се легитимираат како службени лица.
Од МВР за „Фронтлајн“ велат дека МВР презема мерки и дејствија со цел откривање на сторителот и спречување на ваквите дела.
– Продажбата на маиците на ваков начин овозможува погрешна перцепција на граѓаните и со тоа би можело да се доведе во прашање угледот на полицијата и единиците. Министерството за внатрешни работи заедно со другите институции презема мерки и дејствија со цел откривање на сторителот и спречување на ваквите дела, се вели во писмениот одговор на МВР за „Фронтлајн“.
Тимот на „Фронтлајн“ воспостави онлајн комуникација со еден од овие продавачи на маици со логото на припадниците на полицијата и војската, претставувајќи се како можен купувач.
Еве дел од нашиот разговор со овие продавачи:
„Фронтлајн“: Колку чини маица со полициско лого?
Онлајн продавач: 100 денари
„Фронтлајн“: Колку време ќе биде потребно за да се достави?
Онлајн продавач: 7 работни дена
„Фронтлајн“: Ако нарачаме повеќе, цената е иста?
Онлајн продавач: Попуст за 10 броеви, 20%
Кога купувате онлајн внимавајте на лажните страници и огласи. За купувањето по пат на интернет на неовластени производи, како во случајот, каде што се прави кривично дело, граѓаните иако забележуваат, многу ретко реагираат за оваа појава.
Дестан Јонузи