Добрила и Дориан Дуо во оваа епизода создаваат звучен пејзаж каде што традицијата шепоти на сегашноста, вткајувајќи вековни македонски народни песни со смели и иновативни нишки.
Нивната музика се чувствува како чекор во стар гоблен кој оживува – продорниот и богат глас на Добрила одекнува како река на сеќавања, додека удот и луповите (the loops) на Дориан танцуваат помеѓу земјата и етерот.
Во нивните раце, песните стануваат раскажувачи, пренесувајќи историја, јазик и емоции со секоја нота, стои во најавата на видеото на Јутјуб објавено од „XOTEL“.
Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ ги изведуваат: Прошетала се Калина, Море пофали се, Невесто тенка висока и Кажи зошто ме остави.
Видеото е снимено во Меливора студио.
„Колку и да била со подеми и падови, ја заокружуваме годинава со убаво. А и вам ви посакуваме најубаво од убавото и најдоброто од доброто. За Среќна Нова. Фала на другарите од Xotel“, пишува Добрила Грашеска во објавата на Фејсбук.
Ј. Ѓ.