Tина Иванова, музиколог, продуцентка, писателка – секоја сабота на Фронтлајн.
Ги продавам сеќавањата
Ја продавам носталгијата што фаќа прав на ѕидовите, заборавена во плакарите.
Немам пари.
Ако некој сака да купи крваво заработени старудии, бујрум, повелете.
Евтино е сè сега.
Евтини се и гордоста, и тагата, и радоста.
Немам пари.
Купете по нешто, и не го чистете. Ве молам.
Нека остане малку од мојата ДНК. За секој случај.
Јас во себе оставам празен простор за собирање нови сеќавања.
Моето минато можеби ќе биде нечија иднина.
Уф… Почна да ме боли стомак.
Моите предмети содржат бујни приказни.
Ги слушам нивните молитви:
„Ти си нашиот дом, тука припаѓаме, кај тебе! Не нè напуштај…”
Ама, немам пари.
Капитализам.
Не можам ниту да фантазирам, морам на работа.
Ако ја продадам песнава, ќе имам ли за нов грамофон?
Но, не, морам на работа, не можам да пишувам…
Мојата поезија исчезнува во суровите канџи на бирократијата.
Во канцелариите со затворени врати во кои ечи распадот на цивилизацијата.
Се вплеткала во волшебниот круг на пајажината сплетена од демагошки негуваната комфорност на денешниот хомосапиенс.
Ќе има ли поезијата волја за револуција која конечно ќе го уништи стравот од промени?
Засега гласно вели:
Не!
Продавам стари предмети, за да пишувам ослободена од сметките за струја.
И, затоа што немам пари.
Поезијата не е сигурна работа, не е…
#poetryisnotdead
„Поезијата е поблиску до вистината, отколку историјата, рекол Платон.
Пишувам поезија и проза за да ја разберам осаменоста. За да ја засилам љубовта и полесно да се доближам до смртта. И, за да ги уништам злобата и лицемерието што се случуваат пред моите очи.” – Тина Иванова.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Не е дозволено преземање без писмена дозвола од редакцијата.
Прочитајте и…