Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Пред петнаесетина години во “Деус” ми пријде еден колега на чие име и тогаш не успеав да се сетам и ми рече: Тричко, ти пишуваш најмладо од сите, а не си така млад, извини, тоа зборува убаво за тебе, но не зборува убаво за сите нас, затоа што ако за тебе кажеме дека си Дебиси, демек, мајстор на испрекршената мелодика и уметник на дисонанцата во македонскиот дискурс и јазик, другите сме обични тапанари и зурлаџии.
-Уф, фала, фала, што да кажам, многу убав комплимент, макар што ова со другарот Клод ми се чини дека е мало претерување, освен тоа и меѓу другите колеги има виолинисти, тромбонисти, клавиристи, само нема контрабасисти, хахаха!
-Не, не- рече тој, ми се допаѓа благиот цинизмот во твојот одговор и знам дека ти ја разбра метафориката во мојот муабет, но да го оставиме Дебиси, имам впечаток дека младоста во пишаниот збор и реалните годинки што ги носиш, мора да те ставаат во позиција на некаков внатрешен егзил. Се разбира, не само поради свежината во мислата и тежината на годините, туку и поради обидот на народот да му ги растуриш омилените играчки какви што се историјата, нацијата, митологијата, вмрологијата, особено, приказната за волците, славните јунаци, црквата, александриските шлемови со кокоти и сукњи од кожени ленти итн.
-Па, има нешто во тоа, но јас не сакам својата позиција така да ја дефинирам, да не би да испадне дека се жалам, не, мене ми е многу убаво во внатрешното прогонство, тие што ме прогонуваат и туркаат на маргините не се во состојба да сфатат дека така го заштитуваат мојот идентитет и интегритет, но мислам дека на луѓето нема да им биде добро во нивната комоција и предаденост кон оние аспектите на минатото кои ги дразнат и по таа линија им даваат смисла оти сите други мотиви и значења на постоењето ги фрлија во контејнерите за ѓубре. Не создаваат нова вредност туку старата ја јадат, тоа е еден вид на декадентен разврат кој ги доближува до крајот на времето.
Тоа е форма на национален канибализам.
-Ха, еве уште еден бисер што ќе го запаметам: национален канибализсм, хахаха, поздрав, Тричко, ми беше драго да те видам и да ти ги кажам овие работи.
-Ти благодарам уште еднаш, поздрав, убав ден, пријателе.
Така беше пред петнаесет години. Тука сум внел некои стилизации, но се колнам дека суштината на муабетот е верно пренесена.
Пред еден месец, кога во “Холидеј Ин” се одржуваше големата меѓународна конференција за мирот и демократијата во организација на Цивил и една германска фондација, еден пријател од Шарената револуција, на излегување ми рече нешто многу слично на она од “Деус”
-Тричко, знаеш ли што ме секира, тоа што ти на овие години си најлуцидниот автор, јас мислам дека нормално би било младите да се предводници во тој микс од авангардност и луцидност, но тие не се јавуваат како фактор на прогресот туку како добри ученици на постарите кои го заробија македонството и од него направија свои дуќани или уште поубаво и поточно- рудници!
Имав дилеми дали овој текст да го почнам со волкави количества лична изложеност, но се охрабрив затоа што одамна знам дека не е време за старите манири кои налагаа за себе да не се зборува јавно, особено ако се зборува нешто што е или може да звучи позитивно. Дури и кога е спакувано во негативистички пакет.
Освен тоа, во своето детство и младост, јас веќе ја имам почувствувано дистанцата од средината. Селидбите на фамилијата не ме оставаа да се врзам за еден локален идентитет, а секаде кај што сме биле, во идентитетот ми удирале, доддуша, благ рабуш, не на туѓинец тоа е многу јако, туку на човек кој не е од тука, човек кој е дојден. А по игра на локалните случајности мојот прв избор за дружење беа Ромите. Не мнозинската заедница. Тоа е многу важен дел од моите формативни години во детството и во раната младост.
Така што имам наталожености кои ми дозволуваат на развојот на ситуацијата да гледам како на егзил во кој оди татковината. Таа самата себе се прогонува, се изместува односно ја изместуваат од лежиштето, не во функција на ослободување од себе, за што јас се залагам, туку во функција на тотална културна, медиумска, институционална, политичка и секаква друга деградација на сите модерни национални и државни дострели, колективни и индивидуални.
Натопена е од киселите дождови на вморонските бајки и прикаски и во солната киселина на антиевропската, антибугарската и антиалбанската илузија, се откажува од себе и се распаѓа.
Без да ја смениме местоположбата, јас и Македонија се разијдовме, таа мене не ме поднесува, а јас неа не ја препознавам.
Од државата се останати само некакви контури. А од луѓето само испразнети форми кои зборуваат како телефонски секретарки секогаш исти содржини и се движат како силуети низ магла.
Само некои носталгични и меланхолични чувства ме сопираат да не ја мразам.
Не може да се каже дека не ја поднесувам затоа што таа мене престана да ме иритира.
Живеам како да не сум во неа.
Не ја гледам на телевизија, не ја читам во весници и книги, само некои наслови ми доаѓаат преку фејсбук, сосема доволно за да ги имам елементарните информации за своите координати.
Женската е стриптизирана, ја гледам гола, шминката и е симната, последните траги од маскарата и пудрата и се развлечени низ лицето, и не ми се допаѓа.
Не е толку грозна колку што е некако јадна и утепана, повеќе отколку што можев да ја замислам додека беше европски облечена.
Грижите за нејзината судбина од почетокот на кризата исчезнаа и сега ми е речиси сеедно што ќе стане.
Таа е за мене некоја туѓа формација.
Повеќе ме возбудува пожарот во Лос Анѓелес отколку решеноста на Мицко да ја потпалува Македонија.
На хуманитарно ниво се јавува некакво сочувство, но го олабабува свеста за одговорноста на тие што страдаат и допрва ќе страдаат за нивната судбина.
Делот кој е врзан за вмро го сметам за гангренозен. Тоа е големо парче од нацијата кое гние од внатре, го јадат бактерии кои му се вбризгани низ партиската и медиумска инфузија и инњектажа.
Со идејата на распдот.
Друго едно парче е како утрната нога или рака, живо е и здраво, но ослободено од секакви осети, тоа е групација со која не може да се прави никаква заедница.
Но, се надевам дека работите можат да се сменат кога циркулацијата на крвта ќе им се обнови.
Здравиот дел е здрав, но премногу атомизиран и помалку или повеќе дезориентиран со оглед на општите процеси околу вредносните системи и општествените концепти во новото ултрабрзо време како и со оглед на внатрешната констелација.
Можеби најмногу ме погодува губитокот на субјективитетот на меѓународен план. Не знам дали забележувате: Македонија престана да постои за светот.
А тоа значи дека престанала да постои воопшто.
Дури и за себе.
Претворени сме во лего коцки со кои си играат децата на комиите.
На ѕидот на Кејот на Вардар, спроти Музејот на револуционерната борба против слибодата, стои голема парола : Бугарите во Уставот е предаватво!
А шарањето на вакви свињарии е уставобранителство и македонизам.
Да ви го ебам македонизмот!
Што имам јас со ваква Македонија.
Оти паролата го има очигледниот потпис на власта.
Не е тоа авторство на децата кои не знаат колку тежат шините!
Специјално за Првата линија. Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.