Компанијата „Блу Ориџин“ успешно го лансираше својот огромен нов ракетен систем на првиот тес-лет, испраќајќи прототип-сателит во орбита на илјадници милји над Земјата, пренесува Асошиејтед Прес.
Именувано по првиот Американец што орбитираше околу Земјата, ракетата „Новиот Глен“ беше лансирана од Флорида, од истата платформа што се користеше за лансирање на вселенските летала „Маринер“ и „Пајонир“ на НАСА пред половина век.
По години развој и со значително финансирање од основачот на Амазон, Џеф Безос, оваа ракета висока 98 метри, носи експериментална платформа дизајнирана за поставување сателити или нивно ослободување во соодветните орбити.
Вработените во компанијата изразиле одушевување со громогласни аплаузи и вресоци откако леталото успешно достигна орбита по 13 минути, подвиг што веднаш доби пофалби од самиот Илон Маск од СпејсЕкс.
За овој тест, сателитот требаше да остане внатре во втората фаза додека кружеше околу Земјата. Мисијата беше предвидено да трае шест часа, по што втората фаза ќе биде поставена во безбедна состојба, во висока орбита, далеку од другите објекти, согласно практиките на НАСА за минимизирање на вселенскиот отпад.
Првата фаза на бустерот не успеа да слета на платформата во Атлантскиот Океан неколку минути по полетувањето, иако беше наменета за рециклирање. Компанијата истакна дека поважна цел беше сателитот за тестирање да стигне до орбитата. Пред летот, Безос изјави дека е „малку лудо“ да се обиде слетување на бустерот при првиот обид.
Компанијата инвестираше повеќе од 1 милијарда долари во лансирната локација на Нов Глен, обновувајќи го историскиот Комплекс 36 на Силите за вселенска поддршка во Кејп Канаверал. Платформата се наоѓа 14 километри од контролните центри и фабриката за ракети на компанијата, надвор од капиите на Космичкиот центар Кенеди на НАСА.