Израел денеска објави дека ќе ја задржи контролата на граничниот премин Рафа, меѓу Египет и Појасот Газа, за време на првата фаза од прекинот на огнот со Хамас.
Во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се демантираат информациите дека палестинските власти ќе го контролираат преминот.
Во соопштението се додава дека локалните Палестинци кои не се поврзани со Хамас и се проверени од израелското обезбедување само ќе ставаат печати на пасошите на границата.
Дополнително, беше наведено дека врз основа на меѓународните договори, овој печат е единствениот начин жителите на Газа да го напуштат Појасот за да влезат или да бидат примени во други земји.
Израелските сили ќе го чуваат преминот и за секое движење на луѓе и стоки ќе биде потребна израелска дозвола. Европската унија ќе го надгледува процесот, се додава во соопштението.
Прекинот на огнот што стапи на сила во понеделникот се очекува да обезбеди затишје во разурната од војна Газа во период од најмалку шест недели и да ослободи 33 заложници кои ги држат палестинските екстремисти во замена за стотици палестински затвореници во израелските затвори.
Израел ја освои палестинската страна на преминот Рафа во мај минатата година, затворајќи ја.
Египет, клучниот посредник за време на повеќе од една година преговори што доведоа до прекин на огнот, побара Палестинците да ја контролираат нивната страна на преминот.
Во меѓувреме, хуманитарниот координатор на ОН во Газа, Муханад Хади, рече дека камионите на светската организација, хуманитарните организации, владите и приватниот сектор доаѓаат во Газа и дека немало голем грабеж, туку само неколку мали инциденти.
Денеска, на третиот ден од примирјето во Појасот Газа влегоа речиси 900 камиони со хуманитарна помош, соопштија ОН, што е значително повеќе од 600-те камиони потребни според договорот.