„Во Едно“ со Јане Ѓорѓиоски
1 Силни протести против режимот на Вучиќ, деновиве демонстрираат студентите од Србија. Поддршка добиваат и од сите граѓани. На блокадите од сите страни им се приклучувааат, професорите, наставниците, земјоделците, интелектуалците и сите слободоумни граѓани на Србија. Во регионот и пошироко се одржаа собири за поддршка. Се протестираше во Атина, Осло, Базел, Братислава, Нирнберг, Лондон, Базел, Торонто, Прага, Будимпешта и Малта. Во Скопје не се дава поддршка.
2 Во Хрватска граѓаните самоиницијативно преку социјалните мрежи организираа бојкот на продавниците, кафулињата, бензиските пумпи и рестораните, поради високите цени и намалениот животен стандард. Граѓаните го канализираа револтот и кренаа глас. Иста иницијатива се спроведува и во Босна и Херцеговина. Граѓаните од регионот се борат за достоинствен живот. А ние?
ВО ЕДНО: Србите се борат за демократија, граѓаните на Хрватска и Босна за подобар животен стандард, а ние – ние се бориме за Трамп! Нам во Македонија сè ни е арно. Демократијата ни тече во млазеви, не можеме да ја скротиме. Економскиот стандард ни е мед и млеко. Радувајте се! Во Македонија имаме новогодишна кошничка, па ќе имаме велигденска. Што ви е, какви граѓански иницијативи? Срамота е тоа. Здравство, образование… беспрекорно?! За што да се бориме ние кога тука ни е жива лепота?! Студентите не им даваат поддршка на своите колеги од Србија. Политичарите (и власт и опозиција) бегаат од темата протести во Србија како ѓавол од темјан. Немој случајно да се замерат со Вучиќ. И што има ние сега да се секираме што се случува околу нас? Силната политичка и новинарска „елита“ во Македонија се испотепа да застане позади хегемонот Трамп и фашистот Маск. Сега му е мајката, велат, да удриме по ЕУ и либералната демократрија и да се профилираме накај суверенистите. Така тие милуваат да ги нарекуваат ултрадесничарските неофашисти низ Европа и светот – суверенисти. Велат да го зграпчиме моментот, да искористиме шанса и да се лоцираме на страната од победниците. Кои победници бе, бедници ниедни?!
Текстот е личен став на Авторот. Сите содржини од рубриката „Во Едно“, може да се преземаат со линк до текстот на Фронтлајн.