– Повторно се кратат средствата за спонзорство за КК МЗТ од Општина Аеродром. Од 24 милиони денари првично предвидени за 2023 година, на 12 милиони денари за 2025 година, истакна на седница на Советот на Општина Аеродром координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата, Милутин Ристески.
„На МЗТ му е потребна помош. Ако сакаме задоволни играчи, на кои редовно ќе им се исплаќаат платите мора да се обединиме околу ова прашање. А како да се обединиме ако неколку години по ред се кријат извештаите за финансиското работење на клубот. СДСМ неколку години по ред ги бара од општината овие извештаи и никако да ги добие. Се поставува прашањето дали клубот подготвува извештаи и дали ги доставува до Советот на општината, кој има обврска да ги разгледа и да ги усвои“, рече Ристески.
Тој вели дека МЗТ не смее да се претвори во криминално дувло кое ќе се користи за остварувањето на нечии лични интереси.
„Овие извештаи ќе покажат дали средствата кои Општина Аеродром за клубот се малку, многу или можеби се доволни. Дали некој треба да се награди или можеби некој да се санкционира за неразумно трошење. Затоа мораме да се обединиме за доброто на играчите, клубот и сите наши сограѓани кои искрено го сакаат МЗТ, од срце му посакуваат успех и посветено навиваат на секој натпревар“, истакна Ристески.