– Четиригодишниот мандат е навистина краток за реализација на сите капитални проекти што ги планираме. Сепак, речиси сè што ветивме пред изборите е започнато, а дел од проектите веќе се завршени. Меѓу нив се градинката „Пролет“, новото паметно осветлување низ цела Општина Центар – проект вреден 2,5 милиони евра, ја реконструираме спортската сала „Работнички“, а во тек се и подготовките за новата општинска зграда и повеќе паркинг решенија, изјави градоначалниот Горан Герасимовски во гостувањето во „Ја сакам Македонија“ на телевизија Сител.
Тој истакна дека проектот за паркингот во Капиштец одамна е целосно подготвен, финансиран и предвиден во буџетот, но поради тоа што Град Скопје трипати негативно се произнесе за него, неговата реализација е закочена.
„Средствата планирани за оваа намена ги пренаменивме за други проекти“, додаде Герасимовски, нагласувајќи дека Општина Центар веќе неколку години е финансиски стабилна и има доволно средства за реализација на сите планирани проекти.
Според Герасимовски, клучен фактор за неговата кандидатура на претстојните локални избори ќе биде постигнатото во текот на досегашниот мандат, пред се’ капиталните проекти, но и резултатите од анкетите на јавното мислење.
„Мој приоритет е завршувањето на капиталните проекти и исполнувањето на ветувањата дадени пред граѓаните. Имаме енергија, силен тим и подготвеност да продолжиме понатаму. Ќе постапиме согласно сигналот што ќе го дадат граѓаните. Имаме идеи, предлози и капацитет за унапредување на квалитетот на животот во Општина Центар и сме подготвени да ги реализираме“, порача Герасимовски.