Американскиот Сенат денеска го потврди изборот на Крис Рајт, извршен директор на компанијата за експлоатација на нафта и гас „Либерти Енерџи“, за нов министер за енергетика во владата на Доналд Трамп.
За номинацијата на Рајт гласаа 59 сенатори, додека 38 беа против.
Шеесетгодишниот Рајт, кој ја води „Либерти Енерџи“ од 2011 година, најави дека ќе се повлече од компанијата доколку биде потврден на министерската функција. Негов наследник ќе биде Рон Гусек, кој од 2016 година ја извршува функцијата претседател на компанијата.
Како министер за енергетика, Рајт ќе управува со буџет од околу 50 милијарди долари, од кои речиси половина се наменети за одржување на американскиот нуклеарен арсенал.
Во извештај објавен минатата година, Рајт призна дека климатските промени предизвикани од човекот се реалност, но ги опиша ризиците како „далечни и нејасни“. Тој исто така смета дека регулаторните политики за борба против климатските промени кои се наметнуваат од власта „се осудени на неуспех“.