Актерката на Театар Куманово, Владанка Крстевски, ја освои наградата за најдобра актерка на овогодинешното издание на интернационалниот фестивал на монодрама „MONO AKT“ кој се одржува во Приштина. Оваа висока фестивалска награда Крстевски ја доби за нејзината улога во монодрамата „Прво лице еднина“, која е работена во режија на Драгана Гунин.
По повод добивањето на наградата, актерката Крстевски се огласи со емотивна изјава, потенцирајќи ја специфичната атмосфера на овој театарски фестивал.
„Постојат фестивали од кои си заминуваш побогат како човек. ‘MONO AKT’ во Приштина е токму такво место. Овој фестивал 18 години опстојува благодарение на луѓе кои не само што го сакаат театарот, туку секојдневно се борат за него. Луѓе кои се вистински борци за театарот, кои со својата посветеност, искреност и љубов создаваат простор каде уметноста навистина живее“, вели Крстевски.
Таа додава дека ваквите средби служат како силна професионална инспирација и потсетник за суштината на актерската професија.
„Покрај такви луѓе не можеш а да не се преиспиташ, да не научиш нешто ново, да не се инспирираш. Тие те потсетуваат зошто сме ја избрале оваа чудесна професија. Затоа оваа награда за најдобра актерка ја чувствувам како многу повеќе од признание. Ја чувствувам како прегратка од една театарска фамилија во која искреноста, работата и љубовта кон сцената сè уште значат нешто. Од срце благодарам за честа, за довербата и за сите разговори, средби и емоции што ќе останат со мене“, порача наградената актерка.







