Скопскиот безбедносен форум 2026, под наслов „Архитекти на стабилноста: Безбедносниот идентитет на Западен Балкан“, ќе се одржи на 15 јуни 2026 година, во Собранието на Република Северна Македонија, во салата под големата купола. Настанот започнува во 09:30 часот, а работниот јазик е англиски.
Како што објави ЦИВИЛ МЕДИА, Форумот ќе обедини претставници на академската заедница, државните институции, дипломатскиот кор, меѓународните организации, безбедносни експерти, медиуми и граѓанското општество, со цел да се отвори стратешки дијалог за улогата на Западен Балкан во европската безбедносна архитектура.
Годинешната тема го поставува регионот во контекст на современите геополитички предизвици, хибридните закани, дезинформациите, големодржавната конкуренција, енергетската безбедност и потребата од засилена регионална соработка и отпорност.
На отворањето се најавени обраќања на претставници на Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, академската заедница и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Главниот говор ќе го одржи проф. д-р Јулијан Чифу од Центарот за превенција на конфликти и рано предупредување од Романија.
Првиот панел, „Геополитиката на Западен Балкан и идејата за европска безбедносна идентификација на регионот“, ќе го модерира Џабир Дерала од CIVIL Media. На панелот ќе учествуваат експерти и дипломати од Полска, Северна Македонија, Србија, Романија и Австрија.
Вториот панел ќе биде посветен на „Судирот на големите сили на европската периферија“, додека третиот ќе се фокусира на „Отпорност, поликризи и хибридни закани“.
Организатори на форумот се Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот во Тетово. Скопскиот безбедносен форум 2026 се одржува во време кога безбедносната дебата во Европа е силно обликувана од руската агресија врз Украина, растечките хибридни закани и потребата Западен Балкан да се третира не само како регион во процес на интеграција, туку и како важен дел од европската стабилност, демократска отпорност и безбедност.
Д. Е.







