Министерството за внатрешни работи соопшти дека неговите надлежни служби преземаат сеопфатни плански мерки и активности по пристигнатите пријави за наводно поставени бомби утрово во училишта низ државава.
-Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување, информира МВР.
Напоредно со ова, наведува Министерството, се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.
-Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави.
Воедно, Министерството за внатрешни работи повикува и апелира за смиреност во јавноста и воздржување од ширење дезинформации околу ваквите настани што инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот, се наведува во соопштението на МВР.
Поврзано: