СДСМ ја обвинува Владата за несоодветно справување со растечката економска криза, тврдејќи дека економијата е во „слободен пад“, а граѓаните се соочуваат со енормни поскапувања. Според пратеничката Сања Лукаревска, досегашните владини мерки се задоцнети и недоволни, а потребно е итно донесување на нивните предлози за намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за храна.
Лукаревска на денешната прес-конференција ја критикуваше одлуката за ограничување на маржите на одредени производи, нарекувајќи ја „половична“ и со „суштински недостатоци“. СДСМ сметаат дека замрзнувањето на цените на ниво од 1 февруари не е соодветно решение, бидејќи, како што велат, статистичките податоци покажуваат дека цените веќе биле зголемени во јануари.
„Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени, а не овие покачени“, наведува Лукаревска, додавајќи дека ограничувањето на маржите треба да опфати 238 категории на производи, наместо сегашните 102.
Тврди дека Владата работи во интерес на „големите бизниси“ наместо за доброто на граѓаните.
Како решение, СДСМ предлага сет на мерки кои веќе се поднесени во Собранието по итна постапка. Тие вклучуваат:
- Намалување на ДДВ за струја на 5%, што, според нив, ќе донесе веднаш намалување на сметките за 13%, или околу 400 денари помалку за домаќинство со сметка од 3.000 денари.
- Укинување на ДДВ за храна, со што над 250 категории прехранбени производи би поевтиниле, што би значело директна заштеда за граѓаните од околу 2.000 денари месечно.
- Примена на Законот за нефер трговски практики, со што цените би се намалиле за 30%.
СДСМ повикува сите пратеници, независно од партиската припадност, да ги поддржат овие законски измени, со цел заштита на животниот стандард на граѓаните. „Граѓаните заслужуваат поддршка, а овие мерки се вистинскиот начин за намалување на цените за храна и електрична енергија“, истакна Лукаревска.