Марс можеби не изгледа како идеална дестинација за одмор со својата сува површина и високи нивоа на радијација, но истражувачите открија дека некогаш имал плажи. Досегашните наоди за речни мрежи и седиментни карпи укажуваа на присуство на реки, но постоеше дебата дали Марс имал и океани.
Сега, тим научници објави во Proceedings of the National Academy of Sciences дека пронашле закопани плажи, анализирајќи подземни податоци од кинескиот ровер Журонг во регионот на Марс позната како Јужна Утопија Планитија, пренесува Гардијан.
Резултатите покажуваат наклонети структури во подповршинскиот материјал, слични на оние кај земјините брегови, што укажува на некогашен раст на плажата кон океанот за најмалку 1,3 км. Според д-р Бенџамин Карденас од Универзитетот Пен Стејт, ова значи дека на Марс имало плима, бранови и река што носела седимент, активни подолг период. Другите можни објаснувања, како вулкани или песочни дини, не се совпаѓаат со податоците.
Откритието сугерира дека Марс имал услови за живот во минатото, а плажите би можеле да бидат клучни за идни мисии во потрага по знаци на живот. Иако наликувале на земјините, марсовските плажи биле студени и без палми или галеби. Карденас вели дека реконструкцијата на овие пејзажи е „одлична храна за фантазијата“.
Ј. Ѓ.