Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Просто да се разнежи човек кога гледа колку власта се грижи за луѓето. Се грижи за нивниот спокој, за нивна добробит. Власта се грижи за луѓето да не мораат да размислуваат. Зошто луѓето би размислувале или би одлучувале преку своите институции како што се парламентот, разни форуми – чекај, што беше тоа парламент – разни совети за безбедност и слично, за тоа што треба да се направи и каде треба да оди државата!? Нема зошто да се оди на такви долги, демократски – крајно неефикасни – модели на размислување, дејствување и носење одлуки.
Едноставно, дали Македонија ќе поддржи, спонзирира, дали ќе гласа за, против или воздржано за некаква си резолуција во Обединетите нации – се разбира, за тоа треба да одлучува еден тесен круг на луѓе, најмоќните. А штом се најмоќни, значи и дека се најмудри.
Така се води држава – ефикасно!
Државата не може да биде демократска. Ако е демократска, тогаш ќе биде крајно неефикасна. А неефикасноста води кој неспокој, нарушување на здравјето…
Демократијата ги тера луѓето да размислуваат. А штом размислуваат, тие дебатираат. А штом дебатираат, тие се во стресна состојба.
Заради тоа, треба да се одлучува за важните стратешки и државни прашања на тоа ниво – во тесенк круг од луѓе. Не дека е наша работа, но еве, најточно, одлуките се носат во тесен круг во мозокот на еден човек. Тој е најмоќен. Значи – најмудар.
Преземено: Цивил Медиа