Судот на Босна и Херцеговина денеска треба да ја изрече пресудата за случајот против Милорад Додик, претседателот на Република Српска и Милош Лукиќ, директорот на Службен весник на РС.
Додик и Лукиќ се обвинети дека систематски го поткопуваат државниот авторитет со донесување закони кои ја „одвојуваат“ РС од јурисдикцијата на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и одбиваат да ги признаат одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница. Обвинителството на Босна и Херцеговина тврди дека овие закони директно го загрозиле суверенитетот на државата и го отвориле патот за де факто отцепување на РС, пренесуваат српски медиуми.
Додик најави дека пресудата ќе биде „отфрлена“ доколку биде прогласен за виновен и дека РС ќе почне да се повлекува од централните државни институции. Тој рече дека за сè повторно се преговара „без странци“ или во спротивно ќе и предложи на Србија да создаде конфедерација со РС.
Република Српска најави радикални потези во случај на осудувачка одлука. Владејачката партија најави дводневен протест, а локалната опозиција повика на бојкот на собирот.
Граничната полиција на БиХ добила најава за влез на 70 припадници на унгарската антитерористичка полиција, според српските медиуми, а Додик претходно изјави дека оваа недела во Босна и Херцеговина пристигнале 300 припадници на унгарската специјална полиција.
Тие влегле во Босна и Херцеговина пред два дена, а причината била обука и вежби со припадниците на МУП на Република Српска.
Милорад Додик рече дека нема да се појави на изрекувањето на пресудата во среда по обвинението во кое се обвинува за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница.
На територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина се подигнати безбедносни мерки.
Д. Т. / Цивил Медиа