Европската унија изрази длабоко жалење за одлуката на САД да воведат царини за увоз од Мексико и Канада, велејќи дека тоа „ризикува да ја наруши светската трговија и да ја загрози економската стабилност на двете страни на Атлантикот“.
– ЕУ цврсто се спротивставува на протекционистичките мерки кои ја поткопуваат отворената и фер трговија. Ги повикуваме САД да го преиспитаат својот пристап и да работат на кооперативно решение, засновано на правила кое ќе биде од корист за сите страни, рече Олоф Гил, портпарол за трговија на Европската комисија, во соопштение објавено денеска.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе високи царини на три од водечките трговски партнери на САД, при што тарифите за Канада и Мексико стапија во сила денеска и зголемување на веќе зголемените царини за кинескиот увоз. Тоа предизвика брза реакција од Пекинг и Отава.
Овие царини ризикуваат да ја нарушат глобалната трговија, да им наштетат на клучните економски партнери и да создадат непотребна несигурност во време кога меѓународната соработка е потребна повеќе од кога било, изјави портпаролот на Европската комисија.
– Мексико и Канада не се само блиски сојузници на ЕУ, туку и витални економски партнери, рече тој, додавајќи дека царините се закана за „длабоко интегрираните синџири на снабдување и инвестициските текови“.
Европа исто така е под закана од американски санкции. Европската комисија предупреди дека ќе реагира „цврсто и веднаш“ на нови мерки на американскиот претседател кои би биле насочени против неа.