Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, на прес-конференција жестоко ја критикуваше актуелната власт, обвинувајќи ја за напад врз уставниот поредок и судската независност.
„Не делат само 24 часа од еден од најголемите упади на една власт во независното судство, чија самостојност е гарантирана со Уставот“, изјави Чупеска, нагласувајќи дека наместо реформи, власта спроведува „нападен и груб удар врз правосудниот систем“.
Според неа, интерпелацијата на членовите на Судскиот совет е незаконска и нема правно дејство, а ваквите постапки претставуваат „школски пример за кршење на уставниот принцип за владеење на правото и поделбата на власта“.
Чупеска ја обвини владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за обид за партизација на судството, оценувајќи дека брзањето со интерпелациите, во време кога се подготвува нов закон за ова тело, е показател за вистинските намери на власта.
„Ако намерата беше реформска, тогаш ќе се почекаше финализирањето на новото законско решение и ќе се следеше редовната процедура за избор на нови членови“, додаде таа.
Според Чупеска, постапките на власта се „смислен, систематичен и координиран напад врз правосудниот систем“. Таа предупреди дека доколку се разурне Судскиот совет, следни ќе бидат судиите и обвинителите кои не се по волја на власта, што, како што истакна, може да доведе до политички мотивирани судски пресуди.
Чупеска ги нарече изјавите на премиерот за судството „скандалозни и шокантни“, посочувајќи дека најавите за игнорирање на Советот на јавни обвинители при разрешувањето на Републичкиот јавен обвинител се доказ за обидот за целосна контрола врз правосудството.
„ВМРО-ДПМНЕ сака тотална контрола и токму затоа се брзаат, го игнорираат законот и вршат насилство врз правната држава“, нагласи Чупеска, додавајќи дека СДСМ нема да го поддржи „ова насилно уништување на уставниот поредок“.
СДСМ повика на национален консензус за судските реформи и предупреди дека независноста на судската власт мора да биде загарантирана. Според Чупеска, неопходно е власта веднаш да престане со „незаконските и неуставни дејствија“ и да се посвети на реформи кои ќе бидат во согласност со препораките на меѓународните институции.
„Ова не е битка за неколку членови на Судскиот совет – ова е битка за зачувување на демократијата и уставниот поредок“, заклучи Чупеска.