СДСМ денеска објави нови наводи за, како што тврдат, коруптивни тендерски мрежи поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека една фирма, „Мастеф ДООЕЛ Скопје“, добила тендери вредни над 4 милиони евра во последните три години.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција истакна дека фирмата добивала договори од неколку општини под раководство на ВМРО-ДПМНЕ, како Кисела Вода, Аеродром и Неготино, како и од одредени државни институции.
„Оваа фирма во општина Кисела Вода, каде градоначалник е Орце Ѓорѓиевски, добила тендери во вредност од 1,7 милиони евра во периодот од 2022 до 2024 година. Во Аеродром, за време на мандатот на Тимчо Муцунски, тендерите достигнуваат речиси 1 милион евра, додека во Неготино, каде градоначалник е Стојанов, сумата изнесува 400.000 евра“, изјави Кузеска.
СДСМ тврди дека во 13 тендери во овие општини, фирмата била единствен понудувач во 11 случаи, а вредноста на договорите речиси секогаш била еднаква на проценетата вредност, што според нив отвора сомнежи за однапред договорени цени.
На пресот беа објавени и докумнети:
Таа посочи дека истата фирма добила тендери и во Министерството за спорт, каде што министер е Борко Ристовски, со договор вреден 65,5 милиони денари (околу 1 милион евра).
„Како е можно една фирма да добие толку многу тендери во различни институции и општини и да прибере 4,5 милиони евра? Дали станува збор за испумпување на јавни пари преку нереално високи цени?“ праша портпаролката на СДСМ, додавајќи дека нивната партија ќе објави дополнителни информации за овој случај.
СДСМ повика на итна реакција од Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), барајќи детална истрага за случајот.