Десет противпожарни возила и околу 70 пожарникари се борат со пожар во трафостаница во Хејс, кој е дел од Лондон.
Половина од трансформаторите во трафостаницата се уште горат.
Помошникот командант Пат Гулбурн рече дека ова е многу голем инцидент, а пожарникари неуморно работат во тешки услови за да го стават пожарот под контрола што е можно побрзо.
– Пожарот предизвика прекин на електричната енергија во голем број домови и локални бизниси. Пожарникарите евакуираа 29 лица од соседните имоти и беше воспоставен кордон од 200 метри како мерка на претпазливост, при што беа евакуирани околу 150 луѓе. Поради големиот чад, ги советуваме жителите да ги држат прозорците и вратите затворени. Операторите во контролниот центар примија повеќе од 200 повици и даваат клучни упатства и ја смируваат јавноста. Ова ќе биде долготраен инцидент. Како што влегуваме во утрото, се очекува потешкотиите да се зголемат, па ги повикуваме луѓето да ја избегнуваат областа ако е можно, додаде тој.
Пожарникарите биле повикани во 23:23 часот, а екипите од Хејс, Хитроу, Хилингдон, Саутхол и околните противпожарни станици биле испратени на местото на настанот.
Повеќе од 16.300 домови останаа без струја поради голем прекин на електричната енергија, објави на X добавувачот на енергија „Scottish and Southern Electricity Networks“.
Компанијата ги повика сите кои зависат од електрична енергија за медицински потреби и имаат потреба од помош да се јават.
Лондонскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе биде затворен денеска до полноќ по прекинот на струја предизвикан од пожар во блиската електрична трафостаница што го снабдува аеродромот.
– За да ја одржиме безбедноста на нашите патници и колеги, Хитроу ќе биде затворен до 23:59 часот на 21 март, соопшти аеродромот Хитроу на X, додавајќи дека на патниците им се препорачува да не доаѓаат на аеродромот.
Нема официјални податоци за тоа колку летови до и од Хитроу ќе бидат откажани, но службата за следење летови FlightRadar24 проценува дека може да има најмалку 1.351.
– Овој број не ги вклучува летовите што може да бидат откажани или одложени поради тоа што авионите не се на нивните предвидени локации, додаваат од службата.
Најмалку 120 летови се веќе на пат кон Хитроу и ќе мора да бидат пренасочени.
Хитроу е најголемиот аеродром во Велика Британија, со околу 1.300 слетувања и полетувања дневно. Низ неговите терминали минатата година поминале рекордни 83,9 милиони патници.
Во меѓувреме, лондонскиот аеродром Гетвик потврди дека нуди поддршка со „прифаќање пренасочени летови како што се бара“.
– Летовите од Лондон Гетвик денеска се одвиваат нормално, додаде аеродромот.