Пет инспекциски екипи од денеска се активно на терен и вршат проверки на објектите што се наменети за прослави и големи собири, како што веќе и најавивме, соопшти владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција.
– Најпрво сакам да информирам дека ако досега зборувавме за направени и завршени контроли и детално ги презентиравме бројките, денеска сакам да потенцирам дека и формално правно и административно, целата потребна документација што е поврзана со сите неодамнешни инспекции, е, целосно обработена. Целокупната постапка е завршена во форма на службен записник и е доставен до надлежните институции. Со ова, Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите, изјави Митева.
Таа рече дека како што било најавено, од денеска пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објекти што се наменети за прослави и големи собири.
– Овие инспекции се фокусирани на проверка дали објектите ги исполнуваат минимално-техничките услови што ги бара законот. Во наредните денови очекуваме нов извештај од оваа контрола, што ќе даде појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки, што ќе треба да се преземат, додаде Митева.
Според неа, сегашната влада „не е тука да врши аналитички пристап без конкретни чекори“.
– Тука сме да дејствуваме. Нема да дозволиме беззаконие или двојни стандарди и ќе продолжиме да ја зајакнуваме институционалната ефикасност сѐ со цел да обезбедиме правилата да важат за сите подеднакво. Јавноста заслужува безбедност, правичност и институции што ѝ служат, а не обратно. Остануваме посветени на оваа мисија, а за резултатите од нашите напори, за наодите и активностите што се преземени како дел од овој процес, редовно продолжуваме да информираме, децидна беше портпаролката на Владата.
Во врска со мораториум за државни институции, дали ќе се достави листа кои се тие институции, дали меѓу нив е и Прилепскиот театар, дали меѓу нив има училишта и градинки, доколку има што ќе биде со децата и дали тие ќе бидат префрлени во други градински и училишта таа рече дека кога ќе се заврши целата таа процедура од аспект на контролите и утврдување на состојбите сите надлежни институции ќе информираат за кои државни или приватни објекти станува збор
– Јас како што можам да информирам, од податоците и информациите што ги имам, тој мораториум е со цел да се надминат сите недоследности што ќе бидат утврдени. Се разбира, во тој рок ќе мора задолжително, сите неправилности, без разлика дали станува збор за државни или приватни објекти, да бидат надминати. Јасно кажавме дека аналитички пристап во овој процес, нема да имаме. Ние мора да дејствуваме со чекори, итни постапки, брзо и ефикасно, сѐ со цел да спречиме идни вакви несакани трагедии. Да, верувам дека кога ќе се заврши целата таа процедура, од аспект на контролите и утврдување на состојбите, сите надлежни институции ќе информираат за кои државни или приватни објекти станува збор, какви се мерките што треба да ги преземат и во кој рок, истото ќе треба да го направат, одговори Митева на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.